Поранешниот Претседател на државата и основачот и долгогодишен Претседател на СДСМ Бранкo Црвенковски го замрзна членство во партијата и повика итно да се свика Централниот одбор на партијата.

Во изминативе 7 години се решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати. Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. – вели Црвеновски.

Поранешниот шеф на државата смета дека е направена огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв, додаде тој.

Се обраќам до вас почитувани сопартијци за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата. Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни. – вели Црвенковски.

Тој повика под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. – истакна во обраќањето до јавноста Бранко Црвенковски.

OhridNews