Екипите на Територијалната противпожарна единица ТППЕ – Охрид, Доброволно противпожарно друштво, единиците на локалната самоуправа и мештаните и денеска се на терен при што интервенираат на шумски пожар во планината помеѓу с.Вапила и с.Расино каде што гори деградирана шума и борова и дабова шума, информираат од Центарот за управување со кризи според последните пладневни информации.

Силите на субјектите, институциите, поделени се во две групи, тргнуваат едни од страна на с.Вапила, а другата група од страна с.Расино, со цел да се спојат кон средината и да го локализираат пожарот. На другата страна на планината кај с. Сирула се распределени околу 40 лица на Националните шуми, подружница „Галичица“ – подружница Охрид и го контролираат пожарот, велат од ЦУК, додавајќи дека теренот е тешко пристапен.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на денешната прес конференција информира дека постои можност и за употреба на летала за гаснење на пожарот.

Се до утрово се водеше вистинска битка со огнот којшто се ширеше во три правци. Едниот правец се доближи на околу 800 метри од селото, но таму пожарот беше ставен под контрола. Првиот крак беше изгаснат, додека третиот се спушти кон еден дол. Поради висината на теренот постои можност и од употреба на летала, додаде Ангелов.

Според командирот на Територијалната против пожарна единица – Охрид, Борко Јанкулоски, пожарот е ставен под контрола и нема опасност од зафаќање на куќите.

Пожарот е ставен под контрола. Се надевам дека во текот на денот ќе биде изгаснат. Не постои опасност од зафаќање на куќи, изјави Јанкулоски.

OhridNews