Со цел подигање на нивото на јавната свест за превенција и заштита од заразни болести, а во интерес на заштита на јавното здравје, Центар за јавно здравје Охрид споделува правовремени и точни информации кои се однесуваат на болеста конго-кримска хеморагична треска (ККХТ), од неодамна регистрирана и во нашата земја.
Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, а вирусот предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска, велат од ЦЈЗ Охрид.
Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%, информираат од ЦЗЈ Охрид.
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена, потенцираат.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно.
Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон намалување на ризикот од пренос од крлеж на човек, од животно на човек и пренос од човек на човек.
Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото. Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото. Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. После можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл).
Во препораките се наведуваат и контролирање на животните за присуство на крлежи, избегнување региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.
Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење. Карантин на животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди, две недели пред колењето. Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ. Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе и редовно мијте ги рацете со вода и сапун после активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе, додаваат од ЦЈЗ Охрид.
Инаку, прва опишана епидемија на ова заболување во Република Северна Македонија е во 1971 година при што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата држава и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија и не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.
OhridNews