Асфалтирањето на улицата „Прилепска“ ќе се одвива во првите месеци од пролетта и целосната реконструкција се очекува да биде завршена до мај, додека улицата „Кленоец“ со оглед на поголемиот обем на работи комплетно ќе биде завршена на крајот на следната година.
Ова беше посочена на одржаната трета седница на Советот на Општина Охрид од страна на раководителот на Секторот за комунални дејности, Тони Иваноски, одговарајќи на прашање упатено од советничката од СДСМ, Лидија Неданоска во врска со реализацијата на активностите за реконструкција на улиците „Кленоец“, „Петрино“ и „Прилепска“.
Реконструкцијата на овие улици е започната некаде пред почетокот на летото, а еве сега влегуваме во доцна есен. Сакам да прашам дали со ребалансот, дали со овие измени, ќе се забрза динамиката за изградба. Исто така, тука не видов дополнување на средства за улица „Прилепска“, во населба „Железничка“, бидејќи активностите за реконструкција таа улица се одвиваат скоро околу година дена. Меѓутоа, работите на терен одат многу бавно, и знаеме сите со јавните набавки дека најтежок е делот кога треба да се излезе на терен и да се сработи. Има тешкотии и со изведувачи, и со подизведувачи. Дали тука ќе се забрза динамиката, бидејќи, гледам, има доста предлог програми за повеќе улици во градот. Дали ќе имаме време до крај на годината, сето тоа да го сработиме, бидејќи со оглед на временските услови кои што следуваат, доаѓа зима, дали ќе успееме, барем „Прилепска“, „Кленоец“ и „Петрино“, она што е веќе почнато и раскопано, да го средиме, додаде Неданоска.
Воедно, посочи дека се тоа што е добро во поглед на програмите за сите улици, програмите за детска заштита, основното и средното образование и измените, дополнувањата за култура, се ќе биде поддржано од нивната советничка група, бидејќи истото е во интерес на граѓаните и градот.
Во однос на улицата „Прилепска“, во постојните програми не е предвидено асфалтирање и партерно уредување на истата од причини што активностите на јавните претпријатија за реконструкција на водоводната линија и целосна промена на канализационата мрежа ќе бидат завршени некаде пред февруари, рече Иваноски.
Меѓутоа, во предлог програмите кои што ги работиме за 2026 година „Прилепска“ заземо значајно место и мислам дека истата до март месец ќе биде тендерирана, некаде до мај очекуваме да биде завршена. За жал, за „Кленоец“ ситуацијата е малку покомплицирана. Таму имаме целосна промена на водоводната линија, почнувајќи од кракот на „Петрино“ до „Железничка“, 90% од водоводната линија е завршена, мислам дека се направи пробниот прикличок, ќе остане исклучиво да се направат одредени контролни места некаде после мостот. Очекувам дека за недела, две, таму комплетно да биде забршено се со водоводната линија. Покрај водоводната линија која што е инвестиција на Владата на Р. Македонија, таму имаме средства обезбедени исто од Владата и за промена на атмосферската и канализационата мрежа, посочи Иваноски.

Така што активностите на Општината за партерно уредување или асфалтирање, уредување на тротарите би започнале евентуално после септември. Роковите се проектантски, дадени од оние кои ги изготвуваат проектите. Не очекувам дека ќе завршат пред септември активностите за атмосферската и фекалната канализација, така што реализацијата на асфалтот ќе биде некаде после септември. Таму со постојниот проект се предвидени и тротари. Во договор со менаџментот на Општината, одлучивме дека по целосната промена на сите инфраструктурни системи, треба да направиме и реконструкција односно промена и на тротоарите, така што во буџетот за 2026 година, покрај асфалтот, рабници и сообраќајната вертикална сигнализација, ќе предвидеме и дополнителни средства и за комплетна изградба на тротоарите, согласно постоечкиот проект, рече Иваноски.
Посочи дека секојдневно се контролира ситуацијата, додавајќи дека сега има малку поголем обем на работа на спојката меѓу „Железничка“ и „Кленоец“, но се очекува работите да бидат за брзо завршени и сообраќајот да се одвива нормално.
Н.С.Ј.













