Владата на денешната владина седница донесе одлука со која се намалуваат цените на училишниот прибор, во периодот од објавување на одлуката во „Службен весник“, односно од денеска, заклучно со 30 септември 2026 година.

Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година, ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка. Практично, сè што е потребно за стартот на учебната година. Особено важно е што со одлуката се обезбедува и транспарентност во однос на намалувањето. Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година. Затоа што, токму оваа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето, вели портпаролката на Владата, Марија Митева.
Потенцира дека во овој период додека важи мерката граѓаните треба да имаат можност да ги набават производите опфатени со истата по намалени и јасно означени цени.
Ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година. Намалувањето на цените на училишниот прибор е уште еден чекор во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на притисокот врз семејниот буџет, додава Митева.
OhridNews










