И годинава за безбедноста на капачите долж Охридско Езеро ќе се грижат спасителите од Црвен крст Охрид. Како и секоја година јуни е резервиран за обуки и интензивни подготовки за претстојната летна туристичка сезона. Во оваа насока Црвен крст Охрид, Центар за безбедност на вода, започнa со регрутација на нови кандидати за спасители на вода.
Кандидатите, вели претседателот Сашо Точков, треба да имаат над 17 години, да се психофизички здрави, да знаат да пливаат и да имаат желба да се бават со ваква благородна и хумана професија.
Интересот за спасители на вода последните години е многу слаб, а уште послаб е интересот кај концесионерите на плажите за ангажирање спасители на вода. Согласно законот, сите капалишта треба да имаат спасители на вода, но минатата година само 15 плажи појавија интерес, односно беа ангажирани 15 спасители на вода, посочува Точков.
Во Центарот за безбедност на вода, вели Точков, во последните 15 години обучени се над 700 спасители на вода, а од нив активни се само 15.
Апел до малдите да не ја пропуштаат оваа можност да се обучат за спасители на вода, како благородна и хумана професија. Ќе стекнат вештини за укажување прва помош и за спасување на вода, како и легитимација која е признаена секаде во светот. Обуката која би ја посетувале е по стандарди на Меѓународна федерација за безбедност на вода. Воедно ќе можат да бидат ангажирани во текот на летниот период на капалиштата на охридско-струшкото крајбрежје со многу солидна плата, додаде Точков.
Обуката ќе биде реализирана во перидот од 21 до 28 јуни.
Н.С.Ј.