1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2025 г.), Црвен крст Охрид го одбележува со низа активности во рамките на светската кампања под мотото „ЕДУЦИРАЈ СЕ, ПРЕВЕНИРАЈ ХИВ/СИДА“ потенцирајќи го значењето и важноста од едукацијата и превенцијата во борба против СИДА-та.

Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога, потенцираат од Црвен крст Охрид.

ХИВ е вирус кој предизвикува хумана имунодефициенција. Присуството на ХИВ вирусот во човечкиот организам доведува до уништување на имунитетот, поради што организмот станува неспособен да се брани од различни болести и инфекции. Според Светската здравствена организација (СЗО) во Европскиот регион на СЗО, 2 милиони луѓе се болни од ХИВ/СИДА, а во светски рамки бројот на инфицирани од ХИВ/СИДА е 37.700.000 возрасни и деца.

Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изразување поддршка на оние кои живеат со ХИВ, Црвен крст Охрид ќе реализира низа активности.

Денес, 1 декември, волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, посетителите, ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА, велат од Црвен крст Охрид.

Во основните и средните училишта, посочуваат, дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците, во текот на Неделата на борба против СИДА (1-7 декември) да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите врснички едукатори во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата. Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот, додаваат.

И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Canadian for Children at Health Risk од Канада.

OhridNews