Со свечена академија на 13 јуни на сцената на „Долни Сарај“ Црвен крст Охрид ќе го одбележи големиот 80 годишен јубилеј.

Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид го најавува и овогодинешното јубилејно десетто издание на „Вдиши Театар“-Меѓународниот Аматерски младински театарски фестивал.

„Вдиши Театар“ како најава за кутурното лето во Охрид, е проект што ги поврза младите, театарот и критичкото размислување од поширокиот регион.

Во текот на изминатата деценија, преку нашата сцена продефилираа повеќе од 80 охридски младинци, а заедно со нив и тројно повеќе учесници од нашите пријателски организации на Црвен крст од Суботица, Крагуевац, Бар, Требиње и Ужице. Заеднички, создававме простори за дијалог, толеранција, прашања и надеж, велат од Црвен крст.

Јубилејното издание на „Вдиши Театар“ на 14 јуни, посочуваат, ќе биде посебно и заради изведбата на интернационална театарска претстава „Балканград“, копродукција на организации на Црвен крст од споменатите градови – дело што на повеќе јазици, зборува гласно, храбро и лично.

Претставата ќе биде изведена во предворјето на црквата „Св. Софија“.

OhridNews