Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен
крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност.

На 18 јануари, среда, од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 o C, велат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека нивни екипи за настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19 јануари (четврток), ќе се грижат како за бебедноста на капачите, така и за поситетелите.

Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило, велат.

Исто така, потенцираат дека во четврток ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција „Водици 2023“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ“.

Крводарителската акција ќе се одржи од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци, додаваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews