Црвен крст Охрид со низа настани ги одбележува 8-ми мај, Светскиот ден и Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина почнувајќи од денес до 15 мај.

На 8-ми мај 1828 роден е големиот хуманист Анри Динан, основополжник на идејата за движењето на Црвениот крст. По тој повод Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина и под мотото „На страната на хуманоста“ организира бројни активности со цел подигање на свеста за значењео на основните принципи, мисијата и визијата на организацијата и воедно изразување на почит, признание и благодарност на волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка, велат од Црвен крст Охрид.

Во рамки на настанати вчера беше одржана крводарителска акција на Факултетот за туризам и угостотелство Охрид, а денес во 12 часот предвидено е полагање на свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан пред седиштето на Црвен крст Охрид.

Во понеделник, 12 мај, од 9 часот ќе биде организиран Отворен инфо ден во седиштето на Црвен крст Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид и Дебрца, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст, потенцираат.

Од денес до 15 мај, додаваат од Црвен крст Охрид, ќе се реализираат  хуманитарни активности со наши сограѓани истакнувајќи нивни дела на хуманост кои можат да донесат значајни промени во животот на луѓето и во заедницата, како и работилници за дисеминација-ширење на знаењата за Црвениот крст за различни целни групи.

OhridNews