ОО Црвен крст Охрид и Територијалната против пожарна единица Охрид се подготвени доколку биде побарана помош со свои екипи и опрема да помогнат во подрачјата кои се погодени од силниот земјотрес во Турција.

Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид вели дека досега не е побарано помош од нив, а дека на ниво на држава фукционира сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ, каде граѓаните и правните субјекти може да донираат финансиски средства.

Тимови ќе определи Владата, ако побараат од кај нас ќе пратиме. Помошта што оди за Турција е во финансии и таа оди преку Црвен крст во Фондот за солидарност и тие средства се уплаќаат на Црвена полумесечина во Турција. Засега не е побарано и не се собира материјална помош што би значело ќебиња, греалки …бидејќи не е регулиран преносот и каде би се примил. Истите од Владата ги имаат на располагање и ги имаат распределено. Како што ќе се одвива ситуацијата и барањата од нив, така и ние ќе се организираме. Засега е само преку Црвен крст на Македонија собирање на финансиска помош, додаде Точков.

Во однос на тоа дали ТППЕ Охрид ќе испрати тимови за помош, командирот Борко Јанкулоски вели во моментов чекаат насоки од Дирекцијата за заштита и спасување.

До сега не е побарана помош од нашата единица. Пред извесно време добивме техничка опрема за дејствување во вакви комплексни непогоди. Моментално имаме екипа која е во фаза на оспособување за вакви видови интервенции, но секако дека можат да одговорат на задачите, додава Јанкулоски.

Инаку, сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ е 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија. Граѓаните може да донираат и 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.

Н.С.Ј.