Клубот на млади при Црвен крст Охрид во периодот од 01.9.2025 до 07.10.2025 ќе реализира кампања за регрутација на нови волонтери под мотото „Млади за Охрид“.
Главната цел на оваа кампања e регрутација на нови млади волонтери кои ќе се приклучат кон активностите на Клубот на млади. Кампањата ќе е насочена кон мотивирање на младите луѓе да станат дел од семејството на Црвен крст Охрид, преку создавање можности за дружба, нови пријателства и забава, истовремено градејќи чувство за хуманост и општествена одговорност, потенцираат од Црвен крст Охрид.
Воедно посочуваат на придобивките за Клубот на млади при Црвен крст Охрид кои се однесуваат на зголемување на бројот на активни членови и волонтери, освежување на Клубот со нови идеи, ентузијазам и енергија од младите генерации, зајакнување на тимската работа, соработка и пријателството меѓу младите и подобрување на видливоста на Клубот во заедницата и создавање позитивна слика за Црвен крст Охрид како место каде младите можат да се развиваат и да придонесуваат.
Со успешно реализирање на кампањата „Млади за Охрид“, Клубот на млади при Црвен крст Охрид уште еднаш ќе ја потврди својата посветеност во насочување на младите кон волонтерството, солидарноста и активното граѓанство, додаваат.
OhridNews