Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош на 12 септември, петок, на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ под мотото „Прва помош и климатски промени“. Во периодот од 11-13 чaсот тимовите за прва помош ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди поврзани со климатските промени.
Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност, велат.
Секоја година на милиони луѓе, посочуваат, им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено и правилно укажана прва помош.
Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот. И оваа година со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на Светски ден за прва помош, ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на климатските промени, истакнуваат.
Додаваат дека климатските катастрофи се случуваат без најава, но учењето прва помош овозможува да се реагира во итни случаи.
При климатски кризи, секоја секунда е важна. Да бидеме подготвени: да се обучиме, да помагаме и да спасуваме животи. Климатските промени го менуваат нашиот секојдневен живот и ја зголемуваат опасноста од несреќи, болести и итни случаи. Но, можеме да делуваме! Подготвеноста денес значи спасени животи утре, потенцираат од Црвен крст Охрид.
OhridNews