Во периодот од 11-17 ноември 2025 г. во организација на Црвениот крст на Северна Македонија и Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во Центарот за обука на Црвениот крст во Струга се одржува тренинг обука за Процедури за проценка на капацитети за одговор при катастрофи.
Учесници на тренингот се претставници од канцелариите на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина (МФЦКЦП) од целиот свет, како и од националните друштва на Црвен крст/Црвена полумесечина.
Во рамки на активностите, планирана е дводневна теренска вежба со замислено сценарио: „Земјотрес во Охридскиот регион“.
Според сценариото, Црвениот крст на РСМ, согласно со своите капацитети за хуманитарна помош, кои не можат целосно да ги задоволат потребите на погоденото население, ќе побара помош од МФЦКЦП.
За таа цел тимовите на МФЦКЦП денеска ќе извршат детална проценка на потребите за обезбедување на хуманитарна помош.
Во таа насока, тие ќе ги посетат и остварат средби со претставници на субјектите кои се дел од системот за управување со кризи, како и претставници на локалната самоуправа, здравствените установи и сл., со цел прибирање релевантни податоци и изготвување на соодветна проценка за потребните материјално технички средства, опрема и човечки капацитети неопходни за ефикасно справување на општината и институциите со катастрофата. На тој начин се активираат механизмите за помош на МФЦКЦП и истата пристигнува до подрачјата погодени од катастрофата, информира Црвениот крст.
На средбите ќе се дискутира за проблематиката поврзана со делувањето на соодветните сектори и претставниците од тие сектори/претпријатија/институции на територијата на општина Охрид, во насока на дефинирање на ризиците и капацитетите за одговор на секојдневните предизвици и оние кои доаѓаат со се почестите елементарни непогоди и катастрофи, соопшти Црвениот крст.
Г.М.













