Утре од 12 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид д-р Гоце Џуклески ќе биде прогласен за 18 почесен член на оваа установа, од востановувањето на оваа титула во 2018 година.

Џуклески, професионалната кариера ја започнал во Министерството за внатрешни работи каде во еден период бил помошник – министер и државен секретар а од страна на Владата бил именуван и за раководител на Националниот координативен центар за гранично управување. Зад себе има и богата наставно – образовна кариера како предавач – професор на Полициската академија во Скопје а бил ангажиран и на Правниот факултет „Јустинијан Први “ и Воената академија во Скопје. Тој е автор на 15 научно – стручни книги, како и на 51 научни и стручни трудови од областа на криминалистиката и криминологијата, објавени во разни домашни и светски зборници и списанија.

Паралелно со неговата професија д-р Гоце Џуклевски јавноста го знае и како афирмиран хармоникаш, композитор и инструменталист. Неговото музичко портфолио содржи над 200 авторски ора и песни, 8 нотни книги (монографии поврзани со фолклорот и со музичкото творештво), 25 носачи на звук ЦД и касети а голем број негови композиции се дел од разни музички компилации.

Соработувал и соработува со музичкиот македонски крем, негови композиции изведуваат познати македонски пејачи, но преку композициите им дава шанса и на младите пејачи осебно од Охрид и околината. Гоце Џуклески како музичар има бројни награди на македонските фолк фестивали а дел од неговите песни се веќе обнародени.

Џуклески е роден на 16 јуни 1959 година во Охрид, живеел во Скопје а сега енергијата за нови трудови и музички дела ја црпи во Лескоец од каде му се и корените.

Модератор ќе биде Милчо Јованоски а свое обраќање на настанот ќе има и Христина Трпеска, директорка на Библиотеката.

OhridNews