20-ти Март се одбележува како Светски ден на оралното здравје. По тој повод разговаравме со Д-р Сашо Стоев основач на стоматолошката ординација “Д-р Стоев”, која годинава слави јубилеј 10 години постоење. “Основата за грижа за забите се поставува уште во најрана возраст. Наша основна цел, во соработка со родителите, е да придонесеме првата посета на стоматолог за детето да претставува едно пријатно и весело искуство кое ќе направи тоа да стекне навика и со задоволство да ги обавува редовните стоматолошки контролни прегледи.” – вели во интервју за OhridNews Д-р Сашо Стоев.
O.N.: 20-ти Март светот го одбележува како светскиот ден на оралното здравје. Која е целта на одбележувањето на овој ден?
С.Стоев: Денешниот ден, како светски ден на оралното здравје има за цел да потсети и да ја потенцира важноста на грижата за оралното здравје. Тоа подразбира правилна и секојдневна грижа за устата и забите, редовни стоматолошки прегледи, правилна исхрана итн., бидејки здравјето на устата и забите има значајна улога врз квалитетот на здравјето на целиот човечки организам.
O.N.: Како Вие, како приватна здравствена ординација, делувате на подигнување на свеста за грижата за оралното здравје кај Вашите пациенти?
С.Стоев: Грижата за забите започнува со излегувањето на првото запче. Тоа значи дека основата за грижа за забите се поставува уште во најрана возраст. Наша основна цел, во соработка со родителите, е да придонесеме првата посета на стоматолог за детето да претставува едно пријатно и весело искуство кое ќе направи тоа да стекне навика и со задоволство да ги обавува редовните стоматолошки контролни прегледи. Внимателно уредениот амбиент, пријатната работна атмосфера и професионалниот и љубезен пристап кон нашите пациенти, секако влијае на надминување на стравот од посета на стоматолог. Како приватна здравствена ординација се трудиме да оствариме директен контакт со најмладите пациентчиња, па во соработка со детските градинки низ градов неколку пати бевме дел од едукативни предавања, на кои преку игра се потрудивме да им ја доближиме на децата професијата стоматолог. Среќни што можеме да заклучиме дека овие предавања вродија со плод и дека веќе во некои градинки дечињата имаат и посебно катче за прибор со лична хигиена каде си ги чуваат четкичките и пастата за заби, па практикуваат после оброците да ја одржуваат хигиената на запчињата. Ова ни укажува на фактот дека нашиот труд покажал видлив резултат и тоа ни е доволен поттик и годинава да продолжиме со слични активности и низ другите градинки кои минатата година не успеавме да ги опфатиме со колегите со кои ги вршевме едукативните посети.
Ентузијазмот и искрената желба да се сподели своето знаење преку совети за превенција на оралното здравје е презентиран и преку издавањето на брошурите под наслов „Грижа за забите“ и „Насмевка без кариес“ , издадени од Општинската организација на „Црвен Крст“ од Охрид, а чиј автор е Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска, дел од тимот доктори во нашата ординација, како и големиот број организирани предавања на различни категории пациенти, кои опфаќаат теми од областа на грижата за оралното здравје.
Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска – доктор во Стоматолошка Ординација „Д-р Сашо Стоев“
O.N.: Што подразбира здравата насмевка кај една индивидуа?
С.Стоев: Здравата и убава насмевка подразбира континуирана грижа за оралното здравје. Таа значително може да го подигне нивото на самодоверба и да направи да се чувствувате убави. Човек кој има убава насмевка, е човек кој секогаш истата не се труди да ја скрие, туку напротив да ја подари, па со својата насмевка подарува позитивна енергија околу себе, правејќи и другите да се чувствуваат убаво во негово присуство. Затоа, грижата за сопственото орално здравје, во суштина говори многу за грижата за Вас самите.
O.N.: Годинава Вашата ординација има 10 годишен јубилеј. Освен големиот број задоволни пациенти, бројните едукативни настани, хуманитарни активности кои сте ги организирале дали би издвоиле уште нешто што го одбележува Вашето 10 годишно постоење?
С.Стоев: Oвие десет години посветеност на професијата и остварени резултати ги сметам само како основа за уште поголеми остварувања во наредните години. Се надевам дека ординацијата „Д-р Сашо Стоев“ ќе создаде уште голем број насмевки, не само кај домашните, туку и кај странските пациенти, со тоа промовирајќи го Охрид како бисер од кој странските пациенти ќе заминат со пријатни впечатоци и беспрекорна насмевка. Интензивно работиме на ваквата промоција на Охрид и искрено сме задоволни од досегашните остварувања.
Она на што сме посебно горди и кое со посебно задоволство сакаме да го истакнеме е дека нашето 10-годишно постоење го одбележуваме заеднички со г-дин Мајкл Клос (Michael Close), реномиран канадски ликовен уметник со македонско потекло. Од неговите посети како пациент во нашата ординација, се роди искрено пријателство и идејата тој да стана наше заштитно лице, под слоганот „ Smile is an art too … “ , бидејќи ќе се сложите дека создавањето на убава насмевка навистина е уметност. На наше големо задоволство, амбиентот во нашата ординација дополнително е разубавен со негови ликовни дела, дел од нив нацртани специјално за нас.
OhridNews
www.drsasostoev.com