До крајот на денот јас ќе бидам градоначалник на Струга, изјави оптимистички кандидатот на ДПА, докторот интернист Зијадин Села, непосредно откао го оствари правото на глас во родното Ливада. Тој обвини за притисоци врз електоратот и ги повика граѓаните на демократско однесување.


– Очекувам масовен одзив од граѓаните без оглед што има притисоци. Државата има ангажирано стотици специјалци и се вршат инспекциски контроли исклучиво по етничка основа врз Албанците. Тие се тука да провоцираат, а јас ги повикувам граѓаните демократрски да се изјаснат на изборите, а ги повикувам и Македонците да не бидат дел од оваа конструкција на владата.-изјави Села.


Кандидатот на ДПА очекува во Струга да биде испочитувана волјата на мнозинството граѓани.

-Волјата на граѓаните мора да се почитува. Сме прифатиле демократски систем, а освен тоа треба да се почитува и волјата на мнозинството. Јас повеќе пати сум рекол дека демократијата во принцип е волја на мнозинството и во Струга денеска ќе се почитува волјата на мнозинството.-рече Д-р Села.


Кандидатот на ДПА на гласањето во избирачкото место 1899 во Ливада беше придружуван од неговата сопруга.

Г.М.