Ве повикувам на смела и итна акција за туристичка одржлива трансформација. На светскиот ден на туризмот, 27 септември 2025. Антониот Гутереш, Генерален секретан на ООН.
Светскиот ден на туризмот е само повод, да апелираме, потсетиме и иницираме за тоа што треба да го правиме секој ден. Барем ние, во најтуристичкиот град во Македонија, препознаен и признат од многубројни, пребирливи светски патници. Крајно време е да се приклучиме кон светскиот тренд за одржлив развој на туризмот, чии хоризонти се проширени со одговорниот и регенеративен туризам, со цел не само да ги заштитиме, туку и да ги подобриме природните и културно-историски вредности на Охрид, што како светско наследство е базата што создава туризам и привлекува туристи. Бидејќи, во она со што се гордееле нашите предци, треба во иднина да уживаат уште многу генерации туристи, и од она што со векови давало живот околу Охридското Езеро, треба да живеат и новите генерации во годините пред нас. Да се издигнеме над предизвикот да грабнеме што е можно повеќе денес од туризмот, па макар утре и да нема туризам, но кој мисли на утре.
Ние сме тие кои сме одговорни за градењето иднина, да му вдахнеме одржливост на охридскиот туризам. Како? Со одговорен пристап и одговорно однесување на сите чинители вклучени во туризмот, но и на целата јавност, да придонесеме за чиста и здрава животна средина, за незагадено Охридско Езеро, за зачувување на неговиот биодиверзитет и еко баланс, за насочување кон зелениот туризам и обновливите извори на енергија, но и кон афирмација и поддршка на локалните бизниси и занаети, домашните земјоделски производи и храна, домашните уметници, нашата култура, историја, традиција, обичаи.

Тоа значи, дека со развиен систем на одговорен менаџмент и одговорни активности на сите чинители на туристичката понуда на Охрид, на институциите на локално и национално ниво, жителите на Охрид и туристите, може да изградиме одговорен туризам, како суштински, клучен фактор и двигател за обезбедување одржлив развој на туризмот.
Сите елементи се поврзани кон иста цел, од што благодет и корист ќе имаме сите. Токму затоа, потребно е со поголема едукација, афирмација и информираност, да ù се доближат на јавноста придобивките од одговорниот туризам и сите заедно да се сплотиме во заложбата Охрид да го направиме место за поквалитетно живеење на населението и подобро место за уживање на туристите!
Охрид заслужува да ја прифатиме подадената рака за акција и реализација на годинешното мото на светскиот ден на туризмот „Туризам и одржлива трасформација“, и охридскиот туризам да добие ново, поодржливо руво, како дел од глобалниот туризам.
м-р Нина Кепеска
Докторантка на Факултет за туризам и угостителство Охрид, на тема одговорен туризам и одржлив развој на туризмот во Охрид













