Четири години публиката на овие простори ужива во комичното шоу „Импровокација“. За прв пат во нашата земја овој креативен театарски „жанр“ го изведоа актерите на Народниот Театар од Охрид: Стрезо Стаматовски, Никола Тодоровски и Филип Кипровски, потпомогнати од Филип Ангеличин – Жура,  на 25 февруари 2016 година. Од тогаш ова уникатно шоу, кое секогаш е различно, е одиграно повеќе од педесет пати, а покрај охриѓани, шоуто се одиграло и пред жителите на Скопје, Ресен, Виница, Радовиш и Франкфурт.

Во време кога да извлечеш насмевка од некој е херојство и во град со најголема стапка на иселување, успеавме 4 години да одржиме во живот една возбудлива приказна наречена Импровокација. Во сите овие изминати изведби за нас како екипа беше голем предизвик да ја натераме публиката да се се препушти на бранот и заедно да создаваме нова и нова премиера. Зошто Импровокација е и ќе биде секогаш премиера. Голема благодарност до сите кои го поддржале проектот и се надевам дека долго време ќе уживаме сите заедно. – вели актерот Никола Тодороски.

Веќе четири години целта на „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е преку еден неформален и забавен начин да ја демистифицира магијата на создавање театарски игри (сцени) за да го доближи театарот што повеќе до пошироката публика.

Јас Импровокација ја чувствувам како можност за актерски тренинг. За повеќето актери, да се излезе на сцена без предходна подготовка пред публика, која што очекува да погледне готов производ и згора на тоа и директно инволвирање на поединци од публика и менаџирање на непосредноста и неизвесноста што произлегува од тоа, е КОШМАР. Во тоа е тешкотијата и убавината на импровизациите. Чувството за сценска присутност во мигот, одличната сценска комуникација, наивноста во актерската игра, билдањето на самодоверба, фантазијата, дружењето, комуникацијата со публиката се дел од работите кои што не држат свежи овие 4 години. Импровокација е дете кое допрва ќе расте на сцените ширум државава и надвор од неа. Се уште публиката не го има видено полниот капацитет на екипата во Импровокација, а што е за право ГО ИМА! Среќен сум што се случи ИМПРОВОКАЦИЈА, среќен сум што работам со овие луѓе и би сакал заедно да го прославиме и 40тиот роденден. За охридската публика една голема благодарност и нека бидат горди што имаат ваков продукт во нивниот град. – истакнува актерот Стрезо Стаматовски.

Стрезо Стаматовски – актер

Театарската импровизација „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е спонтана, забавна и смешна, но како сите други работи треба да се види и доживее за да се ужива во неа. А во неа подеднакво со публиката уживаат и актерите.

Често знам истата вечер после Импровокација да запалам кола и да се вратам за Скопје. Во принцип, очекувано е да сум уморен после така интензивни час и половина, ама кога ќе завршиме со Импровокација јас мислам дека имам енергија за уште три претстави. Едноставно ми ги полни батериите. – посочува актерот Филип Кипровски.

Зад одличната акерска екипа, која постојано се надградува и проширува, стои извонредниот театарски организатор Филип Ангеличин Жура. Тој е совест на шоуто, без што „Импровокација“ не би била тоа што е.

Уште на почетокот организациски, во поглед на маркетинг и тикетинг, немаше проблем публиката веднаш да го препознае новиот театарски продукт, кој иако поинаков, многу бргу стана омилен и препознатлив. Импровокација е формула за добра забава чии параметри се оригиналност, креативност и посветеност. – вели Филип Ангеличин – Жура.

„Импровокација“ до сега се финансира само и само од продадени билети, со исклучок на одредени пријатели кои што ни излегуваат во пресрет кога сакаме да и подариме нешто на публиката околу новогодишните празници. Правилото на екипата е „НЕМА ГРАТИСИ“, па дури и за најблиските. Потребните реквизити, одреден промотивен материјал, па дури и просторот во нивната матична куќа си го плаќаат за секоја изведба по редовна цена. На неколку наврати се аплицирало и до локалната самоуправа и до Министерството за култура, но не се одобрени нашите апликации од непознати причини. Ги повикуваме и охрабруваме стопанствениците да инвестираат во „ИМПРОВОКАЦИЈА“ , доста добро ќе им се одрази на нивните бизниси, вели екипата на „Импровокација“.

„Импровокација во секој град и за секое домаќинство!“ е еден од идните планови на екипата. Покрај редовните изведби во градот и надвор од него се планира и одржување на работилници за театарски импровизации наменети за професионалци, студенти по актерска игра и аматери кои што би сакале да се пробаат или занимаваат со театарски импровизации.

Четвртиот роденден комичното шоу „Импровокација“ ќе го одбележи денеска, со нова изведба во 20 часот на керал сцената при Центарот за култура.

Г.М.