Предизвик е, чест и голема одговорност да се биде жена во политиката, но жените не треба да бидат само неми гледачи и коментатори на тоа што се случува во политичкиот живот, туку активно да се вклучат и учествуваат во донесувањето на одлуки.

Ова е заклучокот од советничките во Советот на Општина Охрид во емисијата „Напладне“, каде потенцираат и дека сеуште постои некоја аверзија на вклучување на жената во политиката, но и недоволна застапеност посебно таму каде што нема квоти.

Да се биде жена во политката е предизвик, чест и голема одговорност, затоа што глобално постои тренд на недоверба во политиката и политичарите. Секогаш велат дека најдобро е да ги надминеме и разбиеме предрасудите дека и во политиката не се сите луѓе исти, дека имаме чесни намери и дека заеднички можеме да работиме и да сработиме. Треба да тргнуваме позитивно, се напредува, има можност за напредок, меѓутоа апсолутно можеме да се носиме со сите предизвици и обврски кои ги носи и оваа функција вели Ана Крстеска ВМРО ДПМНЕ, додавајќи дека самото тоа што родовите прашања се сеуште женски прашања, доволно кажува дека борбата на жената и во политиката и во сите сфери на општеството сеуште трае и има уште многу да се работи иако се напредува доста.

„Политиката е многу значајна за да им се остави на мажите“ ја цитира изјавата на германска социјалдемократка советничката од СДСМ Живка Ангелоска, додавајќи дека оваа изјава треба да е мотив на сите да учествуваат во процесот на донесувањето на одлуките.

Не само да бидеме неми гледачи и коментатори на сето она што се случува во политичкиот живот, зошто секогаш е подобро кога ќе направиш обид во нешто, па и тогаш кога не е толку успешен колку што сме замислувале. Апсолутно дека не е лесно. Политиката сама по себе е комплексна, но се додека веруваш во себе и она што го работиш и се додека не го изгубиш сопствениот идентитет сметам дека не треба да се откажуваме. Апсолутно е дека е тешко, затоа што има предизвици кои бараат жртва, поголема храброст, волја, треба да поднесеш повеќе порази, а да не се чувствуваш поразен и секогаш кога ќе паднеш да знаеш како побрзо да станеш и да бидеш похрабар и посилен од претходниот пат. Стереотипите постојат, традиоционалната улога на жената во семејството е присутна, меѓутоа доколку може добро да се избалансира сопственото време, може да се биде успешен и во домот и во политиката, вели Ангелоска.

Жените имаат некоја аверзија кон учествување во политиката, вели Леона Кичеец од “Охрид пред се”.

Сметам дека жените на некој начин се одвраќаат од учеството во политиката зошто на секој начин пробуваат да бидат дискредитирани од страна на мажите. Исто така, сметам дека за жените има некои поинакви очекувања отколку за мажите. Иако мислиме дека сме напреднале на ова поле, сепак постојат некои субкултури кои се јавуваат сега во општеството што дополнително кај младите има изразено како одбивност, како некоја стигма врз жените што нормално се прелева и врз жените во политиката, додава Кичеец.

Во однос на дискриминација во Советот едногласни се дека нема, но велат застапеноста на жените каде нема квоти е многу мала.

Дискриминација во однос на полот при мојот избор за предлог за советник немаше и тоа мене многу ми значи. Во однос на советот не сум почувствувала дискриминација. Но, мора да се спомне фактот дека таму каде што немаме квоти и афирмативни политики, учеството на жената е многу ниско. Ни се потребни афирмативни политики за да се определат квоти, зошто имаме многу малку жени претседатели на партии, министри, кандидати за градоначалници, претседатели. Сеуште ни е менталитетот тој, дека доколку не е законски регулиран, процентот на жена е многу понизок и тоа е еден вид на дискриминација и сметам дека тука треба рамноправно да се бориме со мажите во однос на можноста до пристапот на секакви ресурси во општеството, вели Крстеска.

Во однос на квотите лично воопшто не ги сакам, зошто сметам дека треба да се натпреваруваме со вештини и знаења, а не со самото тоа што треба да има одредено учество на жени во листите за пратеници и советници, вели Ангелоска.

Меѓутоа, квотите ја исполнаа целта за која беа утврдени, бидејќи можеме да видиме поголемо присуство на жените во советите и парламентот. Таму каде што нив ги нема апсолутно е помал бројот на жени министерки, градоначалнички, во високите дипломатски служби. Успехот во политиката на една жена ќе го споредам како искачување на еден облакодер, повеќе од нас ќе застанат на средните катови, а многу малку од нас ќе се искачат на највисоките катови. Во однос на личното искуство за дискриминација мислам дека имаме напредок, но треба многу да се работи. Треба и една жена да процени кога се нашла во дискриминирана положба и кога почувствувала насилство, зошто ретко која не била мета на такви напади само затоа што е жена, вели Ангелоска.

Додава дека на жена некако многу полесно можат да и бидат залепени етикети, а најприсутно насилство на жените во политиката е психичкото насилство, говорот на омраза.

Омаловажување од колегите советници досега не се случило бидејќи како колективен орган сметам дека функционираме прилично добро. Но, сепак дека постоеле обиди за дискредитација, да постоеле. Особено ако е помлада жената пробува да се прикаже во некој негативен контекст, без разлика на нејзината едукација, професионалност, вели Кичеец.

Овие три жени – советнички се сложни дека жените треба да се поддржуваат меѓусебе и да се вклучат во политиката.

  • Жените треба да се солидарни, да си подаваат рака, да бидеме единствени во носење на родово базирани политики, вели Крстеска.
  • Жените да веруваат во себе, да се поддржуваме едни со други, да не апстинираме и да се вклучуваме што повеќе во општествено-политичкиот живот. Колку што се предизвиците поголеми и потешки тоа значи поголема гордост и достоинство за секоја една жена, вели Ангелоска.
  • Зборот е најмоќното оружје, да се спротивставиме јавно, да се поддржуваме, да не пробуваат да ги релативизираат сите облици на дискриминација насочени кон нив, а особено не насилството. И на тој начин да се создадат некои промени и услови жените да сакаат  и да учевствуваат во политиката, вели Кичеец.

Н.С.Ј./А.М.