Шефовите на кујна да имаат познавања за потеклото на храна која ја подготвуваат, постојано да се едуцираат, да им се развие страста кон готвењето, само така во охридските ресторани ќе се нудат квалитетни и уникатни јадења, смета познатиот светски готвач Џорџо Дијана, кој и годинава е дел од Гастро турата „Taste Ohrid“ што од денес до 23-ти мај се одржува во Охрид.

Тој и оваа година ќе се обиде да им пренесе дел од своето знаење и искуство на охридските студенти и готвачи, за кои смета дека повеќето од нив немаат основни познавања за подготовката на храна и современите техники на готвење.

  • Основно за секој готвач е постојано да се унапредува. Овде готвачите не добиваат доволно информации околу храната која ја подготвуваат. Јас како готвач мора да знам од каде е храната, како е одгледувано животното чие месо се користи, од каде е зеленчукот итн. Овде колку што можам да забележам готвачите се во кујна поради егзистенција и заработка, а не поради страста кон готвењето. Немаат ментори, иако многу од нив сакаат да научат. Овде имате одлични локални производи, но ако не знаете како да ги подготвите и искористите, тоа е исто како да возите Ферари со мотор од Фиат, вели Дијана.

Дијана годинава во Охрид е придружуван од италјанскиот угостителски експерт Андреа Бијаџини, кој ќе се обиде да пренесе свои искуства во однос на промоцијата на градот.

  • Ќе се обидам да објаснам дека покрај сите вредности кои ги има Охрид, гастрономијата можеби е еден од најважните чинители во туризмот и тоа треба да е правило-без добра гастрономија и кујна не може да се очекува добар туризам. Да им го пренесам своето искуство на сопствениците на угостителски објекти и во областа на маркетингот, бидејќи тоа е една од главните одлики на секое туристичко место при привлекувањето на туристи, а моја задача е и промоција на Охрид во Милано, изјави Бијаџини.

Во рамки на настанот кој го организираат Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство Охрид и Туристичкиот кластер ЕДЕН, ќе бидат одржани посебни Mастер класови за студентите по гастрономија, готвачите, менаџерите и сопствениците на охридските угостителски објекти.

Според градоначалникот, Константин Георгиески, угостителството претставува исклучително важен дел од еден комплетен туристички производ и токму затоа треба постојано да се преземаат мерки за осовремеување на гастрономската понуда и зголемување на нејзиниот квалитет.

  • Охрид има широка лепеза на угостителски објекти, но најголемиот дел од нив на гостите им сервираат стандардни видови на готвена храна. Според туристичките експерти, потребно е значително освежување на охридските менија во согласност со светските трендови, кои наметнуваат една нова димензија во кулинарството, а рестораните се идентификуваат со сопствен печат во готвењето и послужувањето на храната како и во креирањето на уникатни специјалитети. Сметам дека Гастро турата е од големо значење за Охрид како туристички центар, бидејќи преку неа се промовираат кулинарските потенцијали на овој регион, спакувани и понудени на модерен начин, во согласност со светските угостителски стандарди, истакна Георгиески.

Професорката Ангела Крстаноска од ФТУ изрази задоволство што работите се движат кон подобро, односно во насока на напуштање на моделот на комерцијални и креирање на уникатни мениа.

  • Со користење на локалните производи ќе креираме уникатно доживување за гостите. Посетивме многу ресторани,  вчера бевме во ресторанот „Канео“ кој според шефот на кујна Дијана, е еден добар пример во која насока треба да се развиваат рестораните во Охрид, спој меѓу традиција и иднина, бидејќи недостига начинот на презентација на храната и користење на локалните производи. Треба да размислуваме како да се вклучи и неформалното образование, треба многу работа, курсеви, да се вложува во кадарот од страна на сопственициите и менаџерите во перманентна едукација, за да се добие перманентно јадро кое постојано ќе работи и се вложува за да направи успешна гастрономска приказна, смета проф. Крстаноска.

Покрај практичните обуки од затворен карактер, познатиот готвач Џорџо Дијана ќе готви на отворено во четврток, 23-ти мај, пред хотелот „Su“. Сите заинтересирани ќе имаат можност да ги вкусат специјалитетите чија подготовка ќе можед а ја следат.

Т.К.