Навивачите најмалку го посакуваа на клупата, а Рафаел Бенитез се расплака на официјалната промоција за нов тренер на десеткраниот европски првак Реал Мадрид.

Тогаш, се поставува прашањето дали искусниот шпански стручњак е вистинскиот и правиот избор на управата, која го отпушти миленикот на публиката Карло Анчелоти.

55-годишниот стратег има акумулирано големо искуство во сите натпреварувања водејќи ги премиерлигашите Ливерпул, Челси, калчолигашите Интер и Наполи и на стартот од тренерската кариера Валенсија.

Токму на стартот Бенитез ги имаше најблескавите моменти во кариерата. Тој со Валенсија успеа два пати во три години да ги одведе „лилјаците“ до титулата пред големите гиганти Реал Мадрид и Барселона.


Сепак, круна на карирата до сега е титулата во Лигата на Шампиони со Ливерпул 2005 година во незаборавното финале против Милан во Истанбул.

Со „црвените“ стигна до титулите во ФА Купот, Супер Купот на Англија и Европа, но во шест сезони во Премиер лигата не успеа да го искачи тимот на шампионската позиција.

Во Интер го наследи Жозе Мурињо, кој сезона претходно со „нероазурите“ освои тројна круна и притисокот врз Шпанецот си го направи своето и по шест месеци замина од Џузепе Меаца.


Шпанскиот стручњак беше дел и од Челси, а на Стемфорд Бриџ беше непосакуван од навивачите поради изјавите додека беше во Ливерпул дека тимот од Лондон е вештачки.

Со „сините“ стигна до трофејот во Лигата на Европа, но лошата комуникација со навивачите беше една од причините за заминување на „Рафа“ од Лондон.

Екипата од Наполи го назначи за тренер Бенитез по завршувањето на договорот на Валтер Мацари, кој со претседателот Де Лаурентис беше најзаслужен за воскреснувањето на клубот од Сан Паоло.

Шпанецот во Наполи се задржа две години освојувајќи титула во Купот на Италија и Супер купот на Италија. Бенитез само што беше поврзан со Реал Мадрид веднаш испрати позитивни вибрации кои на крајот резултираа со тригодишен договор.

Бенитез често е оспоруван за стилот на игра и начинот на водењето на екипата. Тој нема големо трпение со ѕвездите во тимот, а токму тоа ќе му биде неопходно на Сантијаго Бернабеу бидејќи екипата е составена од мега ѕвезди.

Многу работи околку неговата тренерска работа ќе зависат од односот со Кристијано Роналдо, кој е движечката сила на „кралевите“ по доаѓањето од Манчестер Јунајтед.

Исто така Бенитез по секоја цена мора да ги придобие навивачите на своја страна бидејќи во Шпанија како никаде на друго место имаат голема улога во изборот на клубот околу новиот тренер или играчи.

Мх.П.