Македонија оваа зима се гуши во смог и магла. Мерењата на загадувањето на воздухот покажуваат загрижувачки бројки, на места и десетина пати повисоки од нормалните. Во услови на висока загаденост како бомба експлодира веста што ја обзнани лондонски „Гардијан“ дека депонијата „Дрисла“ која единствено ги исполнува законските прописи за работа, цели седумнаесет години користи инценератор за согорување на опасен отпад кој не ги задоволува еколошките стандарди на ЕУ, поради што Британија во 2001 година и го „подарила“ на Македонија, што предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.

 

Статистиката покажува значително зголемување на бројот на заболени од карцином и други тешки заболувања во земјава изминатите години, што според одредени експерти во голема мера се должи на загадениот воздух и животна средина.

Во Охрид нема мерачи на загаденост на воздухот, но има еколошки проблеми. Голем е бројот на диви депонии во сливот на Охридското Езеро, како и во националниот парк Галичица, а еколошката свест и натаму е на многу ниско ниво. 

Граѓаните кои се повеќе се заинтересирани за здрава животна средина и за своето здравје, се на мислење дека решавањето на еколошките проблеми треба да биде повисоко на агендата на властите. Сметаат дека не е потребно да се фомираат нови служби за борба против загадувачите на животната средина, туку надлежните служби поодговорно да ја вршат својата работа. Како размислуваат охриѓаи на оваа тема говорат резултатите од анкетата што за свои потреби изминатиот период ја спроведе OhridNews:

Но доволно ли е само делувањето на институциите за заштита на животната средина, без поддршка од граѓаните и индивидуална одговорност? Одговорот секако е не. Не постои служба која може ефикасно да покрие сто отсто од територијата на општината и да го санкционира несовесното однесување на поединци. За промена добро е да се види одлучност и посветеност на институциите во борбата против загадувачите на животната средина, но и желба кај граѓаните дека навистина сме подготвени суштински да промениме нешто во своето однесување, затоа што само така ефикасно може да се заштити животната средина.

Ново анкетно прашање: Дали прославата на Водици во Охрид треба да има кум?

OhridNews