Вработувањата во администрацијата во изминатите десетина години со цел создавање сигурна гласачка машинерија допрва ќе предизвикаат многу недоумици за новата власт. Постојаното трупање вработени во државните институции ја достигна алармантната бројка уште одамна, но тоа не беше пречка за се сопре со оваа превработеност. – пишува во анализата на агенцијата „Макфакс“ за состојбите во јавната администрација.

Голем дел од овие вработени во администрацијата не се воопшто активни и не одат на работа. До сега нема точна бројка колку усти се хранат од државната каса, но шпекулациите кои постепено се потврдуваат говорат дека во одредени институции има премалку канцеларии за толку многу вработени, по што лицата се групираат кој во кое време ќе работи, додека другите одмораат.

На грб на граѓаните низ институциите биле вработувани поединци, како награда за тоа што биле добри партиски послушници, иако немало потреба од работници на работните позиции за кои тие имале потпишано договор прво на определено, а потоа и на неопределено време. Замената на кадри е редовна активност во државните и јавните институции, имено уште пред некое лице да замине во пензија била наоѓана замена за него. Вработувања имало и по клучна одлука на функционери, иако не било согласно процедурите. Таков случај е регистриран, според извори на Макфакс, во Министерството за труд и социјална политика, каде поранешниот министер Диме Спасов повлекол 9 лица од позиција на практиканти инстант биле префрлени на позиција стручни советници, кои сега земаат високи плати.

Никој од Министерството јавно не говори за овие податоци. Превработеноста во јавната администрација минатата година ја потврдија и од МИОА, по што најавија стратегија за нејзина реформа не објаснувајќи зошто е дозволено лица кои седат дома и немаат активности во институциите да земаат плата од државниот буџет, од каде во 2016 беа одвоени 435,3 милиони евра за плати на јавната администрација.

ВРАБОТЕНИ ПО РАМКОВЕН ДОГОВОР

Охридскиот рамковен договор, по 16 години од неговото потпишување, за некои претставува основа за вработување припадници на малцинските заедници. Рамковните вработувања од 10 отсто во 2017 година пораснале на околу 20 проценти и нема каде да се распоредат.

Над 4 000 вработени, според извори од МИОА, во институциите на системот се вработени по основа на овој договор и седат дома бидејќи институциите немаат потреба од нивниот работен ангажман. Половина од истата бројка се заминати надвор од Македонија иако сè уште се евидентираат како вработени во државни институции. Некои лица, кои сакаат да останат анинимни, раскажуваат дека парадоксален е моментот што картичките на кои ги добиваат личните примања, ги оставаат на нивни роднини за да ја примаат платата наместо нив.

КОЛКУ ТЕЖИ АДМИНИСТРАЦИЈАТА?

Државниот фонд на Република Македонија на свој грб носи над 128.900 административци, кои се вработени во јавниот сектор, односно институциите од државна и локална власт, како агенции, фондови, општини. Извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација говори за тоа дека дополнителни 19.342 лица се вработени во АРМ, МВР и Агенцијата за разузнавање.

Од друга страна, над 40.000 лица се вработени во трговски и акционерски друштва кои се во делумна, доминантна или целосна сопственост на државата. Во овој сегмент влегуваат вработените во претпријатија како АД Елем, Македонски телеком, Македонски пошти, АД Тец Неготино.

Се шпекулира со бројка од околу 10.000 вработени лица кои се вработени преку Агенции за привремени вработувања. Оваа бројка постојано варира, велат извори за Макфакс, бидејќи некои од овие лица се вработуваат на неопределено време, во институциите или во акционерските друштва, а некои си заминуваат. Оваа бројка важи за скриена бројка на вработени бидејќи податоците се тешко достапни.

Вкупниот број на вработени, под државна капа, според неофицијални информации се движи околу 198.242 лица. Лицата вработени во јавната администрација се меѓу најчувствителните на политичките влијанија и притисоци од политиката.

КОЛКАВА Е „УПОТРЕБЛИВОСТА“ НА ОВИЕ ЛИЦА?

Извори за Макфакс велат дека треба да се направи увид во актуелната состојба во која се наоѓаат институциите на државата. Новата власт, според нивната програма, предвидува можност сите да останат под покровителство на државата, но на соодветен начин и по волја на вработените да се прераспределат на посоодветни места каде што би биле потребни.

НЕГУВАТЕЛКИ ВРАБОТЕНИ КАКО АДМИНИСТРАТИВЦИ
ЗА 23 ДЕЦА СЕ ГРИЖИ ЕДНА НЕГУВАТЕЛКА

На пример, во Фондот за здравство во Битола има вработено 10 негувателки кои се вработени како административци и истите, според нашите информации, се дополнителен кадар. На територија на општината има 2 градинки со 14 клонови. Предучилишната установа „Естреја Овадија Мара“ од Битола има згрижено 830 деца, а вработени 95 лица, од кои 36 се негувателки. Законските регулативи на МТСП предвидуваат работата во детска градинка да се организира во зависност од возраста на децата, односно за деца на возраст од 18 месеци до 2 години во една група треба да има не повеќе од 12 деца, потоа групата на деца на возраст од 1 до 4 години не треба да има повеќе од 18 деца, доколу децата имаат од 4 до 5 години, тие треба да бидат во група до 20 деца, а, пак, групата на деца од 5 до 6 години не треба да бидат во група со повеќе од 25 деца.

Директорката на оваа предучилишна установа ни укажа дека нивните капацитети се полни, но немаат потреба од дополнителни вработувања. Проста математичка пресметка покажува дека групите сочинуваат по 23 деца, распределени во 14 јасли со само еден негувател. Ова би било во согласност со законот само ако без исклучок групите се од деца од 5 до 6 години.

Согласно програмата на новата влада, нови негувателки кои веќе работат како административци можат да се распределат преку реорганизација, со нивна согласност, во градинките каде има недостиг на кадар.

Како уште еден пример, во МТСП има сектор за поддршка на лицата со инвалидност, односно лица со посебни потреби. За 3 до 4 слепи лица со закон превиден е еден обучувач, но тие моментално немаат ниту 0.1 обучувач за една група. До сега никој од лицата вработени со рамковен договор не бил инкорпориран во институциите на системот, иако имало и недостатоци на кадар, иако меѓу оваа бројка има и лица со стручна или посебна стручна подготвеност.

Извор: „Макфакс“