Од страна на читатели до редакцијата на OhridNews често пати се испраќаат фотографии направени во дел од локалите низ градот на кои може да се види дека во нив не се почитува Законот за забрана на пушењето.
На тоа дека во одредени ноќни клубови и кафулиња низ градот, законот воопшто не се почитува, во неколку наврати до сега, укажуваа и сопственици на угостителски објекти во кои законот строго се почитува. При тоа, тие се жалеа дека инспекциските служби селективно пристапуваат при контролите и во однос на превземањето на казнените мерки за прекршителите на законот, што пак од страна на инспекциските служби тоа беше негирано и тврдењата беа отфрлени како неосновани.
Неодамнешните измени и дополнувања на Законот за заштита од пушењето, беа донесени токму поради непочитувањето на законот во целост, што јавно беше потврдено и од страна на министерството за здравство.
Измените на законот предвидуваат при вршење инспекциски надзор, доколку инспекторот утврди дека во јавните простории се пуши, да донесе решение за привремена забрана за вршење дејност во траење од седум дена за трговец-поединец и 15 дена за приватно лице. Со измените е предвидено и државните инспектори во иднина да подготвуваат квартални извештаи за утврдените неправилности.
Дали ваквите обиди за почитување на законските прописи конечно ќе вродат со плод останува времето да покаже.











