Во локалната самоуправа во тек е ревизија на начинот на кој се носеле сите локални плански документации и дали ДУП-те се носеле согласно законските прописи, информира вд градоначалникот Константин Георгиески.
Како што потенцира Георгиески, доколку за одреден дел од општината е донесен детален урбанистички план, тогаш локалната самоуправа е обврзана да издаде одобрение за градба врз основ на донесениот ДУП. Од друга страна, колку решенијата содржани во донесените планови се издржани и законски, ќе утврди ревизијата.
Ова се однесува и на хотелот во Лагадин, за кој во јавноста имаше бројни реакции, но од надлежните како и од премиерот Зоран Заев, беше кажано дека постапката при издавањето на одобрението за градба било согласно законските прописи, со претходно добиени согласноти од сите релевантни институции.
- Од второстепената комисија минатата недела, по шести пат, пристигна известување дека жалбата на инвеститорот е усвоена. Сега предметот повторно е вратен до првостепената комисија и повторно ќе се одлучува за истиот предмет. За хотелот во Лагадин има решение од државен градежен инспекторат кој е во рамки на министерството за транспорт и врски, а второстепената комисија, која исто така е во рамки на истото министерство, го поништила истото решение кое е донесено на основа на решенито на државниот градежен инспекторат. Проблемот е подлабок. Треба да видиме како тој урбанистички план за Лагадин бил донесен, согласно тоа и одобрението за градба, рече Георгиески.
Тој потенцира дека треба да се реагира кога се носат урбанистички решенија, бидејќи откако ќе се донесе планот, како во случајот со Лагадин со кој се предвидува објект во заштитениот дел, тогаш може да биде доцна.
- Кога ќе дојде инвеститор и побара одобрение за градба на постоечки план, јас како градоначалник, сум обврзан да постапам по тоа барање, во спротивно ќе добијам кривична пријава за молчење, вели вд градоначалникот.
Георгиески додава дека во Охрид постои мораториум за градба, за што доказ е тоа што веќе две години не се донесени нови детални урбанистички планови.
Во тек е и доекипирање на градежниот инспекторат со што треба да се зголеми и неговата ефикасност.
Т.К.