Синоќа во култниот охридски бар „Џез-ин“, еден од најдобрите гитаристи на Балканот, Дамјан Пејчиноски, одржа хуманитарен концерт за настраданите од поплавените подрачја во Србија и Босна и Херцеговина.

Како што истакна Пејчиноски, хуманитарниот настан кој наиде на позитивни реакции од охриѓани, претставува скромен придонес за оние луѓе од регионот, на кои во овој момент им е неопходна помош.

Откако разбравме за случувањата во Србија, Босна и Хрватска и откако видов дека сите донираат било каква помош, со Тино и Иво од „Џез ин“ кои ми се добри пријатели, се договоривме да организираме нешто. Во суштина тоа е еден скромен придонес, кој верувам на некого ќе му значи.“  – вели Пејчиноски.

Пред бројните присутни, охридскиот виртуоз на гитара отсвири различни џез-теми во кои преовладуваа џипси, рок, блуз и фолклор елементи, карактеристични за неговиот стил.

Жал ми е што не можев да дојдам со цел бенд, бидејќи бев лимитиран. Имав backing tracks матрици, а стана збор за џипси џез, кантри фјужн и други теми од разни области. Мислам дека настапот беше интересен, а присутните имаа можност да видат за што навистина станува збор.“ – објаснува Пејчиноски.

Средствата од собраните влезниците кои изнесуваа 100 денари, како и средствата од потрошените пијалоци (разликата од куповна до набавна цена), ќе бидат донирани на жиро сметка, преку која директно се донира за поддршка на настраданите подрачја од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.

По иницијатива на нашиот пријател и еден од најдобрите гитаристи на Балканот, Дамјан Пејчиноски, се согласивме да ја реализираме оваа идеа. Се надевам дека настанов ќе ги поттикне останатите поголеми локали, на сличен начин да се вклучат во донаторските акции. Сето ова го направивме од хумани побуди, немаме никаква заработка, или пак некакви комерцијални финти. Ние сме мало место, но со големо срце.“ – вели Иво Христовски од локалниот клуб „Џез ин“.

Во изминатиот период, охридскиот гитарист сними неколку видео-записи во автентичен „џипси џез стил“, кои се дел од неговиот најнов проект. Воглавно се работи за стари македонски евергрини, а истите можат да се најдат на „јутјуб“ каналот на Дамјан Пејчиноски.
 
Главно обработувам стари македонски евергрини во џипси џез стил, бидејќи досега овие песни не се појавиле во тоа руво. Во план ми е кога ќе имам повеќе материјал, да издадам носач на звук. Засега, она што го имам сработено го поставувам на јутјуб како демо верзија. Така да, секој кој е заинтересиран за она што го работам, може да го посети мојот јутјуб канал Дамјан Пејчиноски и да стегне subscribe.“ – завршува Пејчиноски.

Инаку, во изминативе денови голем број охридски компании, хотели, ресторани, организации, институции и граѓани, се вклучија во хуманитарната акција за помош на настраданите во поплавените подрачја во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

O.T.