Кандидатот за градоначалник на Општина Дебрца Даниел Огненоски од Коалицијата „Искуство за успех“ е роден на 6 март 1981 година во Охрид. Високото образование го завршил на Факултетот за туризам и угостителство, а веќе три последователни мандати е член на Советот на Општина Дебрца. Тоа искуство вели му овозможило одблизу да ги запознае потребите на граѓаните и секогаш да се води од идејата за реални и изводливи решенија за Општина Дебрца. Оженет е и татко на едно дете. Семејството му е најголема поддршка и мотивација.
Огненоски ja открива својата визија за Дебрца, зборува за приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.
ON: Како гледате на Дебрца сега и како ја гледате Дебрца во иднина?
Огненоски: Дебрца денес ја гледам како општина со огромен потенцијал, но и со многу нереализирани можности. Имаме вредни луѓе, богата природа, чист воздух и искрена желба за напредок — но ни треба подобра организација, визија и конкретна работа на терен.
Во иднина ја гледам Дебрца како место каде што младите ќе остануваат, каде што ќе има услови за работа, чиста средина и достоен живот. Сакам да ја видам како современа рурална општина, каде што традицијата и развојот одат заедно — со уредени села, функционална инфраструктура и горди жители кои веруваат дека вреди да се живее тука.
ON: Кои се приоритетни проекти во вашата програма за претстојните локални избори?
Огненоски: Како прв проект би го издвоил старото училиште пред селото Сливово кое ќе го реконструирам и пренаменам во Дом за стари лица. Втор мој приоритетен проект ќе биде воведување на мобилна амбуланта и мобилна аптека, еднаш неделно во секое село ќе има пристап до доктор и основни лекарства за жителите на Дебрца.
Трет приоритетен проект е отварање на канцеларија во склоп на Општина Дебрца со вработено лице кое бесплатно за жителите ќе врши консултански услуги и ќе ги пополнува апликациите за добивање на грантови и финансиска поддршка од европските фондови за развој на руралните средини.
Потоа, чистење на коритото на Слатинско Езеро и конечно пуштање во употреба на браната и полнење на езерото со што ќе го вратиме стариот сјај на езерото, целосно покривање на трошоците за возачка дозвола за секој матурант, финансирање во реконструкција на повеќе игралишта во нашите села, пуштање во употреба на канализации во селата што се направени но никогаш недозавршени, оставени без функционални прочистителни станици, како и голема поддршка за здруженијата на граѓани и невладиниот сектор.
ON: Што планирате во насока на економскиот развој, заштитата на животната средина и туризмот?
Огненоски: Во насока на економскиот развој, мој приоритет е отворањето на нови работни места преку поддршка на локалното претприемништво и формирање на мали индустриски зони во клучните делови на општината. Ќе обезбедиме услови за инвестиции и развој на мали бизниси, особено во земјоделството, сточарството и преработувачката индустрија, со цел младите да останат и да работат во своите села.
Во делот на заштитата на животната средина, планираме конкретни мерки: чистење и санација на дивите депонии, уредување на речните корита на Сатеска река и на останатите реки, поставување на контејнери за селекција на отпад. Целта е да ја зачуваме природната убавина на Дебрца и да создадеме здрава и чиста средина за живеење.
Во областа на туризмот, ќе се фокусираме на развој на селскиот туризам, верски и ловен туризам. Нашата општина располага со голем природен потенцијал – Слатинското Езеро, планинските предели, богатата флора и фауна, манастирите и традиционалните села. Ќе вложиме во подобрување на патната инфраструктура, сместувачките капацитети и туристичката сигнализација. Со развој на ловниот туризам, ќе ја унапредиме соработката со ловечките здруженија и ќе ги поддржиме финансиски, ќе ги уредиме ловиштата и ќе создадеме услови за привлекување на домашни и странски љубители на природата и ловот, што ќе донесе нови економски придобивки за локалното население.
Н.С.Ј.