Наполитанки, вафли, чоколадни кремови, грицки, чипсови, маргарин, одредени сувомесни производи, газирани сокови, безалкохолни пијалаци и нектарини се само дел од прехранбените производи кои би можеле да бидат опфатени со „данокот на јавно здравје“, кој како превентивна мерка се препорачува откако беше утврдено дека 18 отсто од населението во Македонија се соочува со дебелина, пишува „Утрински Весник“. За колку проценти би можеле да поскапат производите кои имаат вишок сол, масти и шеќери, стручњаците кои го препорачуваат овој данок велат дека е различно за различни групи, а е и политика на секоја држава. Но, може и да не поскапат доколку се субвенционира поскапувањето.

Од искуствата на неколкуте земји каде што се применуваат слични даноци, како Франција, Финска, Унгарија, Данска, ваквата дополнителна давачка се пресметува ако производот има повеќе од еден грам сол на 100 грама маса, на пример грицки, или ако има повеќе од 30 грама шеќери на 100 грама, на пример, наполитанки, или, пак, ако содржи повеќе од три отсто заситени масти. Но, овие ограничувања не мора да важат и за нашата земја, додаваат стручњаците по јавно здравје, бидејќи државата може да дефинира и полиберални вредности.

Идејата на Министерството за здравство да се воведе овој „данок на масти“ не наиде на голема поддршка кај производителите и потрошувачите. Граѓаните стравуваат дека со данокот ќе стане недостапна и најевтината храна која сега може да си ја дозволат, па прашуваат што ќе јадат тогаш? Производителите, пак, се едногласни дека со најавената давачка производите несомнено ќе поскапат, со што ќе се удри по скромниот буџет на потрошувачите. Затоа тие сметаат дека е подобро луѓето да се едуцираат која храна треба да ја јадат, а која не е добра за нивното здравје.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека засега не е потребна ваква мерка, но и тие се на мислење дека ако се воведе овој данок, одредени производи ќе поскапат.

„Не треба да се избрзува со данок на масти. Луѓето прво добро да се едуцираат каква храна внесуваат. Кај нас, на производите се’ уште нема етикети со нутритивна вредност, односно луѓето не знаат колку калорична храна јадат, а сакаме да ставиме дополнителен данок на храната. Законската регулатива со која на производите треба да се залепат етикети со нутритивна вредност со содржина на масти, белковини и скроб е одложена до мај. Треба да се почека овој закон да почне да се применува, па луѓето да се едуцираат каква храна треба да јадат, па дури потоа да се размислува за данокот, како една од последните мерките против дебелината“, смета Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ и додава дека за тоа што треба луѓето да јадат и дали претеруваат со храната, има калкулатор и информации на веб-страницата на оваа организација.

Според Велкова, за оваа идеја треба да се консултираат и стручњаците од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Советот за заштита на потрошувачите, кој е формиран неодамна и во кој членуваат експерти за храна.

Дел од производителите кои сакаа да останат анонимни се малку изненадени од замислата на Министерството за здравство. И тие се на ист став како и Организацијата на потрошувачите. Производителите на слатки производи сметаат дека е подобро потрошувачот да биде информиран за нутритивната вредност на продуктот, па сам да избере кој производ ќе го купи, отколку да се воведе данок на дебелина.

„Со данокот нема да се постигне којзнае каков ефект, единствено што ќе бидат казнети и производителот и потрошувачот, бидејќи со дополнителната, еден вид акциза на слатките и грицките ќе дојде до поскапување на производите, а тоа на крај, сепак, ќе го плати потрошувачот.“

OhridNews
Извор: „Утрински Весник“