Дански туристи од годинава организирано ќе доаѓаат на одмор во Охрид. Првата група на данци се очекува да пристигне во средината на месец мај, а според најавите, во текот на 2014 година, на охридската ривиера ќе престојуваат голем број на гости од оваа северно-европска земја. Според планираното, данските туристи ќе пристигнуваат на аеродромот во Скопје, со обезбеден автобуски трансфер до Охрид.
Од охридската туристичката агенција „Вис Пој“ , велат дека како ин-каминг туроператор долго време работеле на промоцијата за Охрид и Македонија на данскиот туристички пазар.
-Продажбата на туристичките аранжмани за Македонија во Данска се должи на нашите долгогодишни и континуирани промоци на европскиот пазар во соработка со странските партнери. Целта беше да отвориме една нова страница во охридскиот туризам, односно зголемување на бројот на странски држави од кои би можеле да имаме редовни гости. Во изминатиот период „Вис Пој“ беше домаќин на група туроператори и туристички работници од Данска, кои беа воодушевени од престојот во Охрид и Македонија. Тоа резултираше со реализација на посериозни договори за соработка, вели Јаким Маленко од Туристичката агенција „Вис Пој“.
Тој појаснува дека врз основа на најавите од странските партнери, 80% од понудените аранжмани за оваа година се продадени и се очекува резервираните капацитети да бидат целосно искористени.
Дел од групите на дански туристи, во Охрид ќе престојуваат во мај и јуни, а останатите во месеците септември, октомври и ноември, со што ќе се обезбеди збогатување и проширување на туристичката понуда надвор од летната сезона.
-Понудата на данскиот пазар за престој во Македонија е богата и разновидна, со повеќе содржини и програми. За групните патувања се продаваат седумдневни аранжмани со две ноќевања во Скопје и пет ноќевања во Охрид, додека ексклузивно и интересно е тоа што можеби по прв пат се продаваат програми за долги одмори во Охрид, со траење од 21 ден. Воедно, би сакал да напоменам дека во периодот од мај до септември, се продаваат и индивидуални пакет аранжмани за повеќедневни одмори во Охрид, со што дополнително ќе се зголеми бројот на туристи во екот на летната сезона, појаснува Маленко.
Тој потенцира дека освен резервациите за 2014 година, веќе имаат и резервирани капцитети за 2015 година, кога во Охрид се очекува да одмараат многу повеќе дански туристи.
Туристите од Данска претежно биле заинтересирани за нашата култура, историските споменици, за природните реткости, а особено за традиционалната македонска храна и надалеку познатите македонски вина. Секако и цените на аранжманите биле доста прифатливи за нивниот стандард. Според добрите туристички познавачи, данците се одлични гости и солидни потрошувачи, не се многу пребирливи и сакаат да уживаат во природата и гостопримливоста.
Е.М