Охридскиот фудбалски клуб, не планира да крене бело знаме и да се предаде, туку до крај да се бори за опстанок во второлигашкото друштво. По тој повод охридските бели го доведоа Дарко Симјаноски кој е трет нов фудбалер во зимскиот преоден рок.

Симјаноски кој е охриѓанец во редовите на „рибарите“ се пресели од Лабуништа, каде ги помина последниве неколку сезони. Старо-новиот тренер на Охрид Драган Бочески со ангажманот на Симјаноски добива фудбалер за неколку опции во екипата. Примарна позиција на Симјаноски му е десен бек, но добро се снаоѓа во офанзивниот дел од составот.

Продолжуваме да се засилуваме се со цел да создаме екипа која ќе успее да се избори за опстанок во Втората лига. Ова ни е трето засилување и нема да застенеме тука. Исто така засилување ни е Бочески кој се врати на клупата. – изјавија од клубот.

Во зимскиот преоден рок тимот на Охрид го засилија голманот Раиф Мирселоски од Велазерими и Ујкан Муча од Кораб. Подготовките за втората полусезона во Втората лига ќе започнат следната недела.

OhridNews