Мислам дека сме поблизу да најдеме решение, изјави денес претседателот во оставка на Комисијата за расветлување на настантите од 24-ти декември, Борче Давитковски откако заедно со странскиот експерт Петр Ванхаусен се сретна со претставниците на двете најголеми парти во земјата- претставниците на најголемата опозициска партија СДСМ, а потоа и со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги усогласуваме разликите. Мислам дека сме многу блиску да најдеме заедничко решение и евентуално во петок да го потпишеме заедно извештајот”, рече Давитковски кој изрази оптимизам и најави повторни разговори со претставниците на двете парти во четврток.
„Сé уште сум оптимист. Утре продолжуваме со работа. Денешните разговори ќе им ги презентирам утре на претставниците на партиите, кога Комисијата ќе се сретне во комплетен состав. И доколку се усогласиме, ќе ја завршиме работата”, рече Давитковски.
Петок е рокот кој си го зададоа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев до кога треба да биде изготвен извештајот за настаните во и пред Собранието на 24-ти декември 2012 година.
OhridNews
Makfaks