Штом ќе пристигнете во Белчишта, на сред село наспроти општинската зграда ќе го забележите ресторанот „Кај Крчо“ во кој можат да се вкусат македонски традиционални јадења- пити, сарајлии, питулици, ѓомлезе.

Во сопственост е на семејството Крстаноски кое го отворило ресторанот пред два месеца со желба и надеж дека ќе допринесат селото да заживее и во иднина да го посетуваат што поголем број гости од земјата , но и странство, бидејќи како што велат Крстаноски, Белчишта и Дебарца имаат што да понудат .

Претходно живеевме во Црна Гора каде ја добивме идејата да го отвориме ресторанот. Сакаме,поради оваа прекрасна природа и убавина да оживее овој крај. Да доаѓаат гости, да ја пробаат традиционалната кујна,  питата на баба, питулиците. Странците немаат повеќе да понудат од нас, само треба да се знае како да се истакне и искористи она што го имаме.Тешко е, на самиот почеток сме, ни викаат дека сме храбри што овде сме започнале бизнис, се надеваме дека ќе се исплати и успешно ќе продолжи и развие. Селата не треба да умрат, би била најсреќна Белчишта да заживее, вели Светлана Митреска Крстаноска.

Од локалната самоуправа во Дебарца велат дека заживувањето на општината е меѓу приоритетите. Во таа насока се и проектите кои е предвидено да се реализираат за обновување на инфраструктурата, изградба на канализација онаму каде сеуште ја нема.  

Со оглед на тоа што Дебарца е во непосредна близина на Охрид каде доаѓаат голем број туристи се преземаат мерки да се зголеми интересот и за посета на нашата општина.  Има идеи и за адаптација и реновирање на стари куќи во општината каде би се сместувале гостите, што може да се финансира со средства од странските фондови како што е ИПАРД програмата. Проблем е што жителите не пројавуваат интерес за адаптација на куќите за викенд и изнајмување. Затоа апелирам да се пријавуваат. Еве и со законот за легализација во тек е процедурата со што ќе се комплетираат проектните документации за да се повлечат дел од средствата на ИПАРД програмата. Во дел од Црвена вода  е предвидена и викенд населба на државно земјиште, каде  ќе се продаваат парцели каде заинтересираните ќе може да купат и изградат викенд куќи, вели градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.

Општина Дебарца е своевидна неоткриена дестинација за љубителите на недопрената природа, чистата средина и авантуристите кои сакаат да искусат ново доживување. До селото Белчишта се наоѓа мочуриштето познато како Сини Вирој кое името го добило поради тиркизно сината боја на водата. Мочуриштето кое некогаш било дел од големото Десаретско езеро, изобилува со флора и фауна. Во Сини Вирој е најбројната популација на видри во Македонија, а тука живеат и строго заштитени видови птици.

Во Дебарца, кај селото Лешани е и манастирот Си Свети, единствениот манастир на Балканот посветен на Сите Светии, а тука е и Некрополата Требеништа каде во гробови од првиот, петтиот, осмиот и деветтиот век се пронајдени златните маски.

Т. Кувенџиска