Невладината организација „Грашница“ од Охрид во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), започна со спроведување на активностите од проектот „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија”.

Во рамки  на проектот денес во Општина Дебарца ќе биде организирана Дебата за проблемите околу шумите и нивното искористување и природните богатства на Белчишко Блато. На дебатата се очекува да присуствуваат претставници од општината, подрачната единица на ЈП „Македонски шуми“, хидробиолошкиот институт, Невладини организации од регионот, претставници од месни заедници и други заинтересирани страни.

-Во рамки на настанот ќе бидат претставени проектот во целина, настаните што ќе бидат организирани од страна на НВО „Грашница“, ќе има тематско обраќање од страна на претставник од Хидробиолошкиот институт за разновидноста на флората на Белчишко Блато и ќе се дискутира околу произнесеното. Овој настан исто така ќе се искористи за информирање на сите присутни засегнати страни на кој начин можат да се вклучат во проектот и кој би бил нивниот бенефит, информираат од НВО „Грашница“.

Освен јавната дебата, во рамки на проектот ќе биде организиран и ЕКО-караван кој ќе обедини повеќе заинтересирани страни, како и настан кој ќе опфати нешто повеќе околу одржливото искористување на дивиот и култивиран растителен диверзитет на Илинска-Плакенска Планина.

OhridNews