Преку унапредување на стручното образование да се одговори на потребите на реалниот сектор со соодветен стручен кадар, но и да се овозможи поголема вработливост на младите. Тоа денеска го истакна заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани во Охрид, каде имаше консултативна средба со претставници од компаниите, локалната самоуправа и средните стручни училишта во градот.
Разговараме со локалните власти и бизнис-секторот за нивните реални потреби од одредени профили кадри што им недостасуваат на компаниите, како и за можностите за нив да се отворат паралелки во средните училишта. Веруваме дека низ овој социјален дијалог ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање стручно образование што ќе генерира кадар потребен на реалниот сектор, рече Шабани.

Резултатите од анализата што се однесуваат на Општина Охрид денеска ќе ја разгледуваме тука заедно. Овие средби треба да ги потврдат резултатите од анализите, но и да ја зајакнат соработката и довербата меѓу стручните училишта и компаниите на локално ниво. Средните стручни училишта треба конечно да станат места каде ќе се генерира стручен кадар што е баран на пазарот на труд, а компаниите да станат места каде учениците ќе можат да очекуваат професионален ангажман, рече Шабани.
Овие состаноци се дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“ чија основна цел е да се идентификува потребата од отворање на одредени профили и паралеки во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната учебна година.

Егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без локален економски развој. Успешното реaлизирање на овој концепт подразбира создавање поволна бизнис-клима за сите деловни активности и инвестирања на сите деловни субјекти што егзистираат во градот. Еден од најважните предуслови за развој на индустријата, бизнисот и туристичкиот сектор е квалификуван, стручен кадар што ќе може продуктивно да одговори на потребите на пазарот на работна сила, рече Георгиески.
Тој додаде дека странските компании што веќе имаат инвестирано и работат во охридскиот регион веќе ја наметнаа потребата од стручен кадар и креирање образовен систем што ќе продуцира обучени работници што ќе можат да се вклопат во производствениот процес. Како успешен пример тој го посочи општинскиот електромашински училишен центар „Свети Наум Охридски“ како еден од позитивните примери каде успешно функционира системот на дуално образование како еден вид јавно партнерство на училиштето и компаниите.

Градоначалникот Георгиески ја искористи можноста да укаже дека Општина Охрид во рамки на своите надлежности постојано инвестира во подобрување на условите за учениците во средните училишта, преку реализација на реконструктивни зафати и проекти, со најава за спроведувње слични активности и во иднина.
OhridNews












