3-та година по ред, шестчлената дружина „Билјана Јуниор“ верно ги следи стапките на некогаш најпознатиот ансамбл на староградски чалгии на просторите од поранешна Југославија, „Билјана“.
Благодарение на нивниот ентузијазам и енергија, преку нивните музички записи продолжуваат да живеат песните испеани од народот. Својата макотрпна работа, деновиве тие ја крунисаа со своето деби „првенче“ насловено како „И ние сме деца на Македонија“, кое со пригодни свечености беше промовирано во ресторанот Билјанини Извори.
„Поводот за денешниот собир е промоцијата на нашиот деби албум, чиј наслов е добиен од една македонска песна „И ние сме деца на Македонија“, позната кај народот уште како „Налеј Налеј“. Цедето соддржи 14 охридски песни, меѓу кои една влашка и едно оро.“ – велат момците од ансамблот „Билјана Јуниор“.
Всушност овие млади момчина ја претставуваат четвртата генерација на познатите охридски трубадури. Преку традиционалниот звук, тие на еден начин ја возобновуваат охридската староградска заманска песна.
„Ние сме шест члена група, во која се опфатени инструментите тарабука, виолина, гитара, контрабас, кларинет и хармоника. Идеата за нашето создавање беше на Јован, кој е внук на познатиот Кузман Поп Стефанија, основач на Ансамблот Билјана“. – додаваат момците од „Билјана Јуниор“.
Со нивното музичко творештво, охриѓани имаа можност да се запознаат на неколку наврати, како на „Прличевите веседи“ и „Староградските средби“, така и на фестивалот „Охридски Трубадури“.
„Во Охрид настапуваме прилично често, како по рестораните, така и на бројни манифестации. Имаме заеднички настапи со повеќе звучни имиња од македонската фолк естрада. За во иднина, се надеваме дека достојно ќе ја продолжиме традицијата на охридските трубадури, но мора да истакнеме дека најважно ни е образованието со оглед на тоа што сите сме средношколци.“ – велат момците од овој ансамбл, кој во иднина ќе го носи името „Билјана“.
На промоцијата на албумот, свое обраќање имаше пензионираниот новинар Владо Ангеличин Жура, кој изрази задоволство што духот на охридските трубадури продолжува да живее.
„Горд сум и ми претставува огромно задоволство што сум сведок дека нивниот труд не бил залуден и вродил со плод. Доаѓа нова генерација музичари кои со успех ја продолжуваат не само нивната, туку и многувековната наша традиција во негувањето на преубавата охридска страозаманска песна.“ – истакна Ангеличин Жура.
Инаку, во составот „Билјана“ членуваат Јован Поп Стефанија- хармоника, Стефан Здравески – тарабука, Ангел Дулевски- кларинет, Петар Паскали – виолина, Андреј Лаброски- контрабас и Христијан Томески- гитара.
О.Т.