Дебрца градоначалник ќе добие на 2 ноември. Во вториот круг за градоначалничката функцијата ќе се борат Златко Силјаноски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со освоени 1 212 гласа или 48,1 отсто од граѓаните кои вчера излегоа на гласање и актуелниот градоначалник и независен кандидат за функцијата, Зоран Ногачески, чија кандидатура вчера ја поддржаа 663 лица или 26,31 отсто од гласачите.

Според роковникот објавен од Државната изборна комисија во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови согласно со членот 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.

На вчера одржаните локални избори за членови на совет во Дебрца ВМРО ДПМНЕ и коалицијата освои 1 136 односно 45,08% од гласовите, Коалиција предводена од СДСМ 538 (21,35%), Искуство за успех 216 (8,57%).

Според овие податоци ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ освоија најмногу места во Советот на Општина Дебрца, шест, СДСМ и коалцијата освои 2 мандати и Искуство за успех 1.

Излезноста во Дебрца на вчерашните локални избори беше 64,01% односно своето право на глас го остварија 2 520 од запишаните 3 937 во Избирачкиот список.

Н.С.Ј.