Од ЕВН информираа дека екипите сеуште работаат на лоцирање на дефектот на далноводите Косел – Песочани и Мешеишта – Песочани.
– Дефектот е лоциран, снегот натежнал на каблите кои потоа од ветрот и невремето се допреле и сега целата траса е обвиткана во лед. Се санира дефектот и далноводот брзо ќе биде пуштен под напон, изјавија вчера од ЕВН.

Градоначалникот Љупчо Којчиноски потенцира дека жителите се крајно револтирани и најавуваат тужби за надомест на претрпената штета против ЕВН. Тоа што дефектите сеуште не се отстранети, Којчиноски смета дека се должи на човечки фактор.
За состојбата во Дебрца реагираа и од СДСМ и ВМРО- Народна партија од каде апелираат до надлежните проблемот што поскоро да се реши и Дебрца да добие струја.
– 7 дена нон стоп, 24 часа дневно, 24 села во историска Дебрца немат струја. Не работаат училиштето, амбулантата, поштата, стопанските капацитети. Ова добива димензија на елементрана непогода. Го пренесувам апелот на жителите- надлежните да реагираат и итно да ги преземат соодветните мерки, изјави пратеникот од Охрид , Митре Велјаноски.
Од ВМРО- Народна партија велат дека во 21 век, во време кога луѓето одат на месечината, кога технологијата се развива со невидени размери, жално е што во Република Македонија една цела општина е целосно отцепена од светот.
– Се надеваме дека државните власти, што побрзо ќе се сетат дека на тој дел имаат своја општина, дека на жителите кои живеат таму им е потребна помош и ќе реагираат. Ги повикуваме да ги искористат сите механизми и ќе ги отстранат сите пречи кои ги имаат жителите на Дебарца. Бараме да овозможат нормален тек на животот во Дебарца. Сметаме дека ова не се нереални барања, додаваат од ВМРО- НП.
Селата од Горна Дебрца се без струја од петокот навечер, а останатите од саботата.












