Новата локална власт во Дебрца најавува засилена промоција и развој на руралниот туризам во општината со цел природните убавини со кои располага регионот да им бидат понудени и претставени на бројните странски туристи кои доаѓаат во Охрид, кои се заинтересирани и за посета на руралните средини кои можат да понудат нешто поразлично и интересно.

Како што информира градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски, во локалната самоуправа вработено е лице кое ќе се грижи за промоција и развој на руралниот туризам, а во иднина се предвидени и низа активности со кои ќе се промовира Дебрца.

Планираме во иднина да биде отворена и канцеларија која ќе изработува пропаганден материјал и ќе се грижи за начинот на кој природните убавини на Дебрца ќе бидат вметнати во туристичката понуда на регионот. Има многу работи кои ќе се направат, но пред јавноста ќе бидат презентирани кога ќе бидат допрецизирани, изјави градоначалникот Трајкоски.

Општина Дебрца  има многу што  да понуди за странските гости кои освен за посета на културно историските споменици во Охрид и околината и охридксите плажи се заинтересирани за убавините што ги нуди руралниот туризам.

Експертите за туризам потенцираат дека неопходно е да се направи детална анализа на терен за да се види со какви услови располагаат руралните средини и дали истите се погодни за туристички активности. Односно, да се прецизира кои се вредностите со кои располага одредена селска средина и дали истата ги има сочувано автентичните форми на архитектура и сите карактеристики на селска средина. Како што потенцираат тие, основно е и да се подобри инфраструктурата кон селските средини, што беше и една од првите задачи кои пред себе си ги постави новата локална самоуправа во Дебрца- асфалтирање на приодните патишта кон селата во општината.

OhridNews