Голем дел од  дечињата на охридската градинка “Јасна Ристеска” ќе останат незгрижени, доколку Министерството за труд и социјална политика на дваесет и тројца вработени, во најскоро време не им додели решенија за работа.

Ангажираните воспитувачки, негувателки и технички персонал веќе неколку години работат со договор на дело. Ним не им се уплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Меѓу нив има и такви кои без решение работат повеќе од 8 години. Платите за овие вработени Управата на градинката ги обезбедува преку наменски дотации и нивните вкупни месечни примања, заедно со хранарината и трошоците за пат, изнесуваат по околу  6.000 денари.

 -Во текот на јануари ги обновивме барањата кои до сега дури неколку пати ги имавме доставено до Министертвото за труд и социјална политика. Но до сега немаме добиено никаков одговор во врска со тоа дали вработените  во градинката, кои се ангажирани со договор на дело ќе добијат решенија за работа.-вели Марина Петроска Тодорска, директор на ЈУДГ “Јасна Ристеска”.
 
 Надлежните во Општина Охрид велат дека проблемот со решенијата за работа во градинката се одолговлекува подолг период. Минатата година поради овој проблем, тие оствариле неколку  средби во Министерството за труд и социјална политика и многу пати им се обратиле писмено, но единствениот одговор што тогаш го добиле од таму, е дека нема пари за нови вработувања.

-Најголемата иронија е во тоа што овие работни места не се направени по нова систематизација туку тие се  веќе постоечки работни места чии извршители се пензионирани-велат надлежните за образование при Општина Охрид.

Тие нагласуваaт дека локалната самоуправа се наоѓа во незавидна ситуација. Доколку постапи во согласност со новиот закон за работни односи ќе треба да ги отпушти ангажираните луѓе од работа. Од друга страна пак, со таквата постапка нормалното функционирање на градинката ќе биде доведено во прашање.

ЈУДГ “Јасна Ристеска” ја сочинуваат пет објекти кои во моментов згрижуваат над 600 деца.

Е.Е.