На иницијатива на претпријатието за собирање отпад „Отпад“ – Охрид и јавното комунално претпријатие, а со поддршка на локалната самоуправа, училиштата во општината, Ротари клубот од Охрид и Лајанс клубовите од градот, започна хуманитарната акција за  собирање средства за купување возило за лицата со специјални потреби во општина Охрид.

Кампањата која ја подржаа и охридските медиуми ќе се реализира под мотото „Декември – месец на отворено срце“.


Целта на хуманитарната акција е да им се помогне на лицата со посебни потреби, истакна директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Алче.

– Идејата е е преку подигање  на хартијата и пластиката од градот и нивно продавање да се обезбедат  поголем дел од средствата за купување на возило за лицата со специјални потреби.  Во оваа хуманитарна акција вклучени се и општинските средни и основни училишта од каде најмладите ќе ги мотивираат граѓаните да донираат средства за децата со посебни потреби. Во рамките на акцијата ќе биде избрано и „училиште со најголемо срце, рече Алчев.

Како дел од  активностите за собирање на средства за купување возило за лицата со посебни потреби отворен е и телефонски број (075 143 666) за донации на кој што со едно јавување, оние кои сакаат да помогнат може да донираат по 100 денари. На 26-ти декември во спортската арена „Билјанини извори“ ќе се одржи предновогодишен хуманитарен концерт, а собраните средства ќе бидат донирани за реализација на проектот „Декември – Месец на срцето“.

Идејата ја поддржа и градоначалникот Александар Петрески кој најави дека  Локалната самоуправа ќе ја помогне  акцијата за набавка на вакво возило, како и за негово одржување.

– Општината ќе обезбеди професионален возач, гориво и ќе се грижи за одржување на возилото, што значи дека тие трошоци нема да бидат на товар за организациите кои се грижат за лицата со посебни потреби, рече Петрески.

Со свои активности во акцијата ќе се вклучат и охридските ротаријанци и Лајанс клубовите од градот.

OhrudNews