Дел од автопатот Кичево-Охрид ќе биде пуштен во употреба до крајот на 2016 година, најави премиерот Никола Груевски при денешниот увид на градежните активности на атопатот.

-Речиси е пробиена целата траса, еден дел почна да се асфалтира како што можете и да види, на другата страна подолу продолжува асфалтирањето. Планот е накаде до крајот на следната 2016 година дел од автопатот да биде пуштен, 18 километри веќе да бидат пуштени во користење, додека останатиот дел ќе се заврши во предвидениот рок од четири години, рече Груевски.

Тој најави дека кон средината на 2016 година ќе започне изградбата на автопатот Требеништа-Струга како и експресниот пат од Охрид до Пештани.

Премиерот изјави дека странските инвестиции во Охридскиот регион се реализираат според предвиденото.

-Во полн ек е градбата на фабриката на ОДВ „Електрик“. Работите течат согласно планот, нема застој. Тие паралелно во брануфилд во постоечка хала веќе имаат одредено производство, а штом влезат во новата фабрика, која треба некаде до јуни да биде завршена, ќе го зголемат бројот на вработени и полека ќе дојдат до планираните илјада директни вработувања. Со „Костал“, како што знаете, пред една недела официјално го склучивме договорот за градба на нивната фабрика во која исто така ќе вработат други илјада вработени. Она што е важно за „Костал“ е дека закупи и простор во „ЕМО“ во којшто простор веќе од јануари ќе почнат да вработуваат луѓе, да ги праќаат на обука и да почне производство. истакна Груевски.

Тој објасни дека откако ќе ја изгради новата фабрика, „Костал“ нема да го напушти погонот во „ЕМО“, туку долгорочно ќе остане таму.

-Ни кажаа дека планираат една значајна бројка од слободите работници во „ЕМО“ да ги поканат, да им дадат шанса да работат во нивната нова фабрика. Не можеме да прецизираме број колку, очекуваме дека тоа ќе бидат околу 50 до 60 вработени, но треба да ги видат, да ги видат нивните работни способности, квалификации, подготвеност за работа итн. Веќе од „ЕМО“ се преземени 55 работници пред околу 10 дена во МЕПСО оние коишто биле во оној дел за далеководи МЕПСО ги презема бидејќи им требаат, информираше Груевски.

Тој најави дека останатите 50 до 60 работици од „ЕМО“ најверојатно ќе ги преземе  компанија од една соседна држава, која пројавила интерес да инвестира во Охридскиот регион.

OhridNews