Министерството за здравство на својата интернет страна ја објави документацијата поврзана со набавката на медицинска опрема од фирмата „ВИСАРИС“, случај кој деновиве е актуелен во македонската јавност. Од презентираната документација може да се види дека договори за набавка на дел од опремата биле склучени со повеќе здравствени установи во земјава, меѓу кои и со Специјалната болница „Св. Еразмо“- Охрид.

Како што може да се види од договорот потпишан на 3- ти јули 2013 година, помеѓу управителот на ВИСАРИС Скопје, Марко Петровиќ и директорот на охридската здравствена установа, д- р Митко Тилев, за потребите на болницата набавени биле нова опрема РЕНТГЕН апарати , дигитална PACS архива, дијагностичка работна станица и резачи на ДИКОМ ЦД/ДВД во вкупна вредност од 89.834 евра.

Договорот налага овој износ да се исплати во рок од три години и тоа првата рата во висина од 29.944 евра најдоцна до 31.12.2013 година, а останатите две рати во ист износ , најдоцна 1- ви јуни 2014, односно 1- ви јуни 2015 година. Носителот на набавката бил должен да ја инсталира опремата во рок од 150 дена по склучувањето на договорот, како и да обезбеди стручен и едуциран персонал кој ќе изврши инсталирање  на опремата и обука на лицата кои ќе ја користат.

OhridNews се обиде да добие одговор дали наведената опрема е доставена и ставена во употреба, но и покрај нашите обиди не успеавме да стапиме во контакт со првиот човек на специјалната болница.

Фирмата ВИСАРИС деновиве е актуелна откако  јавната набавка на медицинска опрема која ја изврши министерството за здравство од оваа фирма за потребите на неколку здравствени установи во земјава, СДСМ ја нарече медиумска корупција поврзувајќи ја со името на новинарката Ивона Талевска.

Имено, од СДСМ тврдат дека  новинарката Ивона Талевска била доминантен сопственик на фирмата ВИСАРИС уште при основањето и дека девет дена откако бил распишан милионскиот тендер од страна на министерството за здравство, Талевска се повлекла од фирмата и му ги дала акциите на малцинскиот партнер, Марко Петровиќ.

OhridNews