Група жители од Стариот дел на Охрид во допис до медиумите велат се изреволтирани од одлуката на локалната самоуправа повторно да поднесуваат барање и да уплаќааат за картички за да можат да си дојдат дома, откако од ЈП „Билјанини Извори“ информираа дека од 19 јуни стартува издавањето на картички за движење во овој дел од градот, а истите ќе бидат со примена од 26 јуни. Бараат средба со Градоначалникот и директорот на ЈП „Билјанини Извори“ и најавуваат собирање потписи против одлуката.

Веќе 3 години со ред ние жителите на Варош и Месокастро сме обврзани да плаќаме картички за можеме да си дојдеме во своите домови. Првичната замисла на Општина Охрид беше со цел да се регулира сообраќајот во Стариот дел на градот. Но, оваа нивна замисла во пракса не беше успешна. Секое лице со моторно возило можеше слободно да влезе во Варош и Месокастро без разлика дали е жител во Стар град или не. Домашни и странски туристи ги окупираа улиците на Стар град, бидејќи луѓето коишто „работеа“ кај рампите без двоумење им дозволуваа влез во Стариот дел, а мештаните беа обврзани да платат картички за влез, воедно нивните паркинг места беа постојано зафатени од страна на туристи. Сведоци сме и дека многу пати рампите биле нефункционални, односно во неколку наврати се случуваше да се спуштат додека колата минува под рампата, велат во дописот.

Потенцираат дека при донесувањето на нов Правнилник за доделување на картички не присуствувал претседател или претставник на Урбана Заедница на Стар град.

Ние жителите на Стар град сме бескрајно изреволтирани и дискриминирани од овој потег. Револтира и фактот што за новата стратегија дознавме од медиумите, па таму прочитавме дека ќе ни биде оневозможено користење на една иста картичка за влез на повеќе возила (дали ова значи дека доколку имаме две возила, а сме ги купиле сами, другото треба да го оставиме на паркинг и да плаќаме 24 часа за него, или да се снаоѓаме секој на свој начин). Во дописот уште прочитавме дека влезно – излезните терминали меѓусебно ќе бидат поврзани во систем и доколку со една картичка се направи влез во овој опфат, се додека не се евидентира дека е направен излез со истата картичка нема да може истата повторно да се употреби за излез, со што ќе се оневозможи користење на иста картичка за влез на повеќе возила, додаваат.

Прашуваат дали доколку имааат семејна веселба треба сами да одат и да си ги носат гостите, а потоа да ги враќаат?

Ние жителите од Месокастро и Варош сме крајно омаловажени од овој нов т.н. правилник и бараме Градоначалникот на Општина Охрид и директорот на ЈП „Билјанини извори“ да одржат еден состанок со нас, каде ќе им ги соопштиме нашите проблеми, каде ќе ја слушниме нивната замисла, па потоа да се изнајде заедничко, логичко и разумно решение за овој проблем којшто трае со години. Ние жителите од Стариот дел на Охрид веќе од утре ќе започнеме со собирање на потписи против оваа одлука. Напоменуваме дека ја поддржуваме локалната во намерата да стави ред со автомобилите кои гравитираат во стариот дел на градот, но тоа да се направи преку добро осмислен план, а не на наш грб, се вели во дописот од група жители од Месокастро и Варош.

OhridNews