Со свечен собир во куќата на Уранија што го организираше Македонската академија на науките и уметностите  – МАНУ, започнаа чествувањата по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Наум Охридски Чудотворец. Зборувајќи за јубилејниот настан претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, меѓу другото рече дека 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум не навраќа на големите духовни случувања на брегот на Охридското Езеро пред единаесет века.

–  Денес кога се навраќаме на епохалното дело на Св. Наум, на неговиот манастир, на овој високо учен продолжувач на грандиозното дело на словенските првоучители сите ние изворно чувствуваме дека како род никнавме од исконските длабочини на еден простор на божја убавина што зрачела од Кирило-Меродијевото писмо и од светите книги преведени на старословенски јазик со кој се проповедаше во нашите цркви и мансастири опкружени со икони и фрески кои нашата средина штедро ги завешта и даруваше на светот.-рече академик Старделов.


За животот и делото на Свети Наум говореа и академик Петар Хр. Илиевски и академик Цветан Грозданов, кои во своите беседи го истакнаа големото значење на охридскиот светител, не само во духовна, туку и во историска смисла.

– Ретки се народите што одбележуваат милениумски јубилеи за свои заслужни личности. Ние не можеме да се пожалиме дека ни недостигаат такви. Свети Наум е еден од тие. Рамен по подвизи и на Свети Климент, дури и на Свети Кирил, Свети Наум заслужува еднаква чест и слава. -истакна академик Илиевски.


Говорејќи пред присутните, академик Грозданов истакна дека култот на Св. Наум е раширен меѓу сите балкански народи.

-Култот кон Св. Наум подеднакво е голем и кај власите од Пешта и кај православните христијани во Албанија, а тој култ широко е распространет и помеѓу муслиманите.-рече академик Грозданов, потенцирајќи дека речиси да нема црква во Западна Македонија каде не е насликан ликот на Св. Наум Охридски.


Свети Наум Охридски Чудотворец (830-910), заедно со Св. Климент Охридски е меѓу најистакнатите ученици на словенските просветители Кирил и Методиј, учесник во нивната Моравска мисија. Бил учител, писател и меѓу основоположниците на словенската и македонска, писменост и просвета, основач на манастирот Св. Архангел кај Охрид, кој денес во негова чест е именуван манастир Св. Наум.

Чествувањата на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум Охридски Чудотворец ќе бидат заокружени со меѓународен научен собир собир што ќе се оддржи на почетокот на октомври.

Г. Момироски