– Секако дека и ние како охриѓани треба да го штитиме, меѓутоа има институции кои се надлежни за тоа. Чинарот е споменик на природата, значи треба преку Министерството за животна средина и преку инспекторатите да се штити. Во повеќе наврати реагиравме до министерството дека работата е нестручно завршена, имаме и дописи кои ги имаме пуштано, меѓутоа немаше никакво преземање активности и одговор. Пред неколку дена се јавија од министерството од каде бараа да го платиме нашот дел за конзервацијата. Им одговоривме дека ние не можеме да го дозавршиме плаќањето, затоа што и работата не е дозавршена, вели Петрески.
Во месец јуни по иницијатива и со поддршка на локалната самоуправа стручни лица од министерството за животна средина и просторно планирање извршија реставрација на чинарот, по што од страна на надлежните во одделението за животна средина при локалната самоуправа и инспектор при министерството било утврдено дека дел од работите предвидени со оперативната програма не се завршени.
– За тоа укажавме и во извештајот кој го испративме до министерството , од каде добивме известување дека нивниот стручен тим утврдил дека целокупната работа предвидена со оперативната програма е завршена. Повторно со инспекторот излеговме на терен каде утврдивме повторно сушење на дел од гранките и појава на трулеж со што се потврди констатацијата од претходниот наш извештај.И покрај нашите реагирања одговор од минситесртвото немаше, изјави Вера Рауник од Одделението за заштита на животната средина при локалната самоуправа.
Алармантна е состојбата и со останатите два чинари во Охрид за што OhridNews пишуваше во повеќе наврати.
Во охридската чаршија денес се коментираше дека поединци, делови од скршената гранка од чинарот си зеле со цел да ги користат како огревно дрво.