Седницата на општина Центар која започна денеска околу 14 часот е прекината затоа што насобраните граѓани ги скршија прозорците на влезната врата и стаклата во салата, со што била загрозена и безбедноста на советниците, јавува репортерот на Макфакс.
Демонстрантите ги симнуваат и завесите од прозорците тргајќи ги од надвор, иако пред нив има кордон полиција којашто млако или воопшто не реагира на нивните акции.
Околу три илјади граѓани кои од местото каде треба да биде изградена црквата „Свети Константин и Елена“ се упатија кон општина Центар влегоа во дворот и ја опструираат седницата на советот на општина Центар.
Градоначалникот на општина Центар денеска изјави дека Црквата „Свети Константин и Елена“ ќе продолжи да се гради, како и сé што е друго почнато со градба. Тој се обиде да ја смири ситуацијата во општина Центар и појасни дека за она што Владата сака допрва да го гради ќе мора да се консултира со општината, како и со граѓаните на општината.
„Апелирам да се смири ситуацијата и да продолжи седницата на советот на која ќе се донесат овие одлуки“, рече Жерновски.
Според него, не доликува да се кршат прозорците во општинските бараки, а особено ако тоа е поттикнато од советниците од владејачката партија.
Дали ќе продолжи седницата, зависи од тоа дали полицијата дали ќе обезбеди услови за работа, рече Жерновски. Како што изјави, иако побарале поголем број полицајци од надлежниот командир, тој рекол дека тој ќе процени колку полицајци се потребни.
Жерновски обвини дека сево ова е оркестирано и дека граѓаните се изманипулирани поддржувајќи го тоа тврдење со многубројните инспекции кои ја мониторирале општината откако е тој градоначалник, а вчера заработил казна од четири илјади евра.
Напладне кога граѓаните тргнуваа од местото каде треба да се гради црквата кон општина Центар се обрати и владиката повардарски Агатангел кој го повика Жерновски да не крева рака врз христијански објект што според него би било прв и единствен атак врз Македонската православна црква. Тој го предупреди дека доколку реши да ја урне црквата народот ќе му се собере и ќе биде лошо.
извор:„Макфакс“