Научните факти говорат дека Земјата е стара околу 4,6 милијарди години, хуманоидите живеат само 2,5 милиони години, додека хомосапиенсот се развил пред 100.000 години, а според историските податоци цивилизацијата постои само 10.000 години.

Индустријата која денес претставува најголема опасност за Земјата се развива во последните 200 години што претставува 0,00000044 отсто од староста на Земјата. Серијата на алармантни еколошки инциденти кон крајот на 60-тите години од минатиот век спонтано почна да ги групира луѓето околу идејата да го заштитат животот на планетата.

Еколошката кампања насочена кон заштита на Земјата поттикна на усвојување документите за чиста вода и воздух, заштита на загрозените растителни и животински видови. Потоа уследи формирање на агенции и институции за заштита на животната средина, на владини и невладини еколошки организации ширум светот. Сите тие организации постојано ја нагласуваат потребата за поголема грижа за Земјата, единствениот дом кој го имаме. Многу организации и здруженија се борат за зачувување на природата, морињата, водата за пиење, шумите и другите природни ресурси. Нивното мото е дека човекот мора да го смени своето однесување и да престане да ги уништува сите богатства и убавини на Земјата.

Денот на Планетата Земја за прв пат почна да се одбележува во 1970 година, од кога, според екологистите, се бележи огромен напредок во решавањето на еколошките проблеми. Сепак проблемите со уништувањето на природната средина на глобално ниво не се надминати ни оддалеку. Потврда за тоа е исчезнувањето на тропските шуми, истребувањето на многу растителни и животински видови, како и континуираното испуштање на штетни гасови во атмосферата и негативните ефекти од глобалното затоплување.

Според екологистите, најголема опасност по планетата доаѓа од самиот човек.

-Ако Планетата има свој ден тоа би подразбирало дека сеуште постои група на луѓе и ентузијасти кои ги разбираат предизвиците што следат во наредните децении кои можат да загрозат многу од еколошките но и економските и социјалните прилики на глобално но и на локално ниво. Таквите предизвици бараат брза реакција пред се на глобално политичко ниво кое треба да се преслика на ниво на националните влади и на ниво на локалната заедница. Загрозувањето на водните ресурси, шумските појаси, загадувањето на воздухот и почвата , опколеноста со смет пред се се проблеми на локалната заедница кои често не се само еколошки туку прес се културолошки.-вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро. 

Тој смета дека како подрачје полно со природни ресурси и зависно од нив, политиките мора да се насочат во заштита на истите.

-Тоа ќе значи придобивка за локалната заедница која ќе ефектуира и повисок економски статус. Вредностите сочувани и покажани пред светот заедно со културното наследство ,ќе ни бидат најголемата шанаса за идното опстојување на овие простори. Затоа што токму тие и ги задржале луѓето овде. Посилни и похрабри политички одлуки за заштита на Езерото и другите природни ресурси ќе значат и шанса за останување а не мигрирање од тука каде што сме денес. Охридско-струшкиот регион на пример е мала слика со сите елементи на целата Планета. Ако се сочува ова парче ќе се сочува и постоењето на човештвото во него, околу него и за него.- додава Пановски. 

Екологистот Лазо Наумоски предупредува дека жЖивотниот простор на човекот на земјата планета се повеќе се стеснува, се загрозува и загадува ги губи основните својства за квалитетен простор за живеење и опстојување во една одредена животна средина

-Колку повеќе човекот сакал да ја промени животната средина, толку повеќе ја обременува земијната топка со разновидни деградациони промени кои бараат брзо решавање односно санирање на негативните процеси во неа.Човекот ги забележува убавите страни на природата од планетата Земја, сакајќи истите до максимум да ги искористи за свои лични интереси ја изменува природата во интерес на своите желби и потреби. Човекот со своето егоистичко дејствување стана најголем непријател на планетата Земја.-вели  Наумоски. 

OhridNews