Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител.

Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини, најави градоначалникот Кирил Пецаков.

Годинава ќе биде одбележан и Денот на рибарите. Во Сараиште тајфата која го фатила крстот традиционално ќе има капење во Охридското Езеро заедно со рибарите кои традиционлано го почитуваат овој ден. Секако ќе има и мала забава подготвена заедно со Охридскиот музички еснаф која ќе придонесе за збогатување на тој амбиент и достоинствена прослава на овој ден, рече Пецаков.

Охриѓани се потсетуваат дека во минатото, фрлањето на чесниот крст било забрането.

На 20-ти завршувал „Татиљот“ или забраната за риболов. Рибарите го искористувале денот, наместо да ловат риби скришно да скокаат по крстот без притоа некој да се посомнева. На најстариот рибар му се давало „бочка“ со вино, па затоа во нивна чест се фрлаат бурињата со вино, со што всушност се продолжува старата традиција, раскажуваат.

Подготовката и служење на рибна чорба ќе изостане и годинава.

Н.С.Ј.