До Државната изборна комисија денес, до 17 часот, од страна на општинските изборни комисии треба да се достават потврдените листи на кандидати за градоначалник на општините и за членови на советите.

Ждребувањето за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на советите на општината и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, ќе се одржи во недела.

Утврдените единствени листи, ОИК треба да ги огласи најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 26 февруари до сите населени места и на избирачките места во општината.

На полноќ на 24 февруари, во недела, ДИК го заклучува избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид. ДИК го потпишува заклучениот избирачки список, односно изводите од избирачкиот список на кој се гласа најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите, односно на 8 март на полноќ.

До 8 март треба да заврши и задолжителната едукација на членовите на општинските изборни комисии, а од 1 до 21 март општинските изборни комисии ќе организираат, вршат и спроведуваат едукација на членовите на избирачките одбори според Планот и Програмата на ДИК.

Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите, односно на 4 март на полноќ и завршува на 22 март. Во првиот и вториот круг на гласање кампањата не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

OhridNews